ЕУ и Русија ќе го зајакнуваат дијалогот
13 јули 2017И покрај разликите во ставовите околу конфликтот во Сирија, Европската Унија и Русија сакаат да ја надградат својата надворешнополитичка соработка. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Брисел, изјави дека е постигната согласност за интензивирање на размената на мислења за важни теми на сите нивоа.
Може да се препознае „основа за соработка“, рече Могерини. Таа по повеќечасовните разговори информираше дека станало збор за војната во Сирија, состојбата во Северна Кореја и Украина, како и тензиите во Заливот. Детали за разговорите не се соопштени.
Јасно е дека нема ист став по сите прашања, нагласи Високата претставничка на ЕУ. Разликите меѓу Москва и Брисел повторно дошле до израз околу конфликтот во Сирија. „Ние не сме воен актер во Сирија и горди сме што е така“, рече Могерини.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека е „крајно време“ да се разгледаат хуманитарните последици од санкциите на ЕУ и на САД против раководството во Дамаск. За сирискиот проблем и за Украина Лавров денеска во Берлин ќе разговара со својот германски колега, Зигмар Габриел. Во сириската граѓанска војна Русија е најважниот сојузник на властодржецот Башар ал-Асад.