1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ е за одржување светски финансиски самит

16 октомври 2008

ЕУ има едногласна согласност околу мерките за спас на финансиските пазари. Челниците на унијата сметаат дека такви правила треба да има и на светско ниво. Затоа се предлага одржување светски финансиски самит.

https://p.dw.com/p/Fb4f
Ангела Меркел и Никола СаркозиФотографија: AP

Глобалниот финансиски систем треба да биде поставен на нови основи, за во иднина да се избегнат тешките кризи-изјави претседавачот со Советот на ЕУ, францускиот претседател Никола Саркози. Во однос на актуелната криза, ЕУ излезе со заеднички, силен одговор со јасна доктрина, изјави Саркози и додаде: „Не сакаме утре да се соочиме со истите причини и последици. Единствени сме во ставот дека мораме да го реформираме капитализмот во светот. Тоа значи, дека ниту еден финансиски институт не треба да биде одземен од регулирање и набљудување. Транспарентноста ќе важи за сите без исклучок. Исплатaтa за менаџерите ќе биде поставена на солидни основи и веќе нема да има надоместоци за високоризични акции. Шефовите на банките и нивните управители ќе бидат казнувани за нивните дела.“

Ангела Меркел сака учество и на земјите во развој

Германската канцеларка, Ангела Меркел се заложи за тоа на светскиот финансиски самит да бидат поканети и земјите во развој: „Затоа силно ја поддржувам идејата да одржиме самит на шефови на држави и влади уште годинава, претпочитам во ноември, на кој важните држави од Г8 и најважните индустриски земји, заедно со земјите кои бележат економски бум, би разговарале за основна регулатива за финансиските пазари, би дале предлози и би се погрижиле вакво нешто веќе никогаш да не се повтори.“

EU Gipfel Brüssel Brown und Barroso
Гордон Браун и Жозе Мануел БарозоФотографија: picture-alliance /dpa

Земјите на ЕУ, исто така, сакаат да се поттикне и прашањето за инвестиции во рамки на унијата. Во заклучокот од расправата на првиот ден од самитот во Брисел, наведени се конкретни мерки за поддршка на европската индустрија. Како резултат на кризата, договорено е да се формира постојан кризен штаб, со чија помош во иднина би се одбегнале турбуленциите на финансиските пазари. Во овој гремиум, ќе седат претставници на Европската централна банка, земјите од Евро-зоната, Европската комисија и претседателството со унијата.

Нема откажување од целите за заштита на климата

Засега, на сите страни, се слуша воздишка на олеснување. Но, тоа би можело да ги закочи напорите на ЕУ во други сфери, на пример кај заштитата на климата. Веќе сега, повеќе држави се обидуваат да ги спуштат пониско целите поставени за време на претседателството на Германија со унијата, во 2007 година. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, со оценка: „Некои велат дека европското стопанство ќе биде оптоварено ако се држиме до целите, а други тоа не го прават. Но, ако сигнализираме дека се откажуваме од целите, другите ќе немаат поттик да не‘ следат. Во моментов, на пример, гледаме многу охрабрувачки знаци од САД. Би била голема грешка кога Европејците би рекле - ах, тоа всушност и не е толку важно“, рече Барозо.




Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема