1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дискутира за алтернативи за договорот со Турција?

Кристоф Хаселбах/ сн11 мај 2016

Брисел и Анкара засилено се движат кон конфронтација. Никој не попушта околу бегалското прашање, Така се заканува пропаѓање на целиот договор за бегалците.

https://p.dw.com/p/1IlQx
Фотографија: picture alliance/abaca/AA

Материјал за конфликт се насобра прилично. Во изминатата недела, турскиот премиер Ахмет Давутоглу најави оставка. Тој не само што преговараше за постигнување на договорот за бегалците со Брисел, туку важи и за разлика од претседателот Реџеп Таип Ердоган важи за проевропски расположен. Потоа на затворска казна беа осудени двајца турски новинари критички настроени кон власта, затоа што наводно овјавиле тајни документи.

За Европарламентот потоа чашата ја прелија изјавите на Ердоган кој им порача на Европејците дека воопшто не размислува за тоа да го промени анти-терористичкиот закон во земјата. „Ние одиме по нашиот, вие по вашиот пат“, рече Ердоган. Промената на законот беше еден од условите на Брисел за од на лето сите Турци да можат без виза да патуваат во ЕУ. Меѓутоа Ердоган често се закануваше дека доколку не ја добие визната либарализација, повторно би можело непречено да ги пропушта бегалците кон Европа.

Symbolbild Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Европарламентот блокира

Надлежната комисија за граѓански слободи и правосудство во Европарламентот меѓутоа нема намера да дозволи да биде заплашувана. Комисијата најави дека ќе сочека со расправата за визната либерализација сѐ додека Турција не ги исполни сите 72 услови. „А во тоа се вбројуваат и антитерористичките закони“, изјави Ги Верхофштат, претседавач со пратеничката група на Либералите во ЕП. На иста линија се сите пратенички групи во Европарламентот. Доколку двете страни останат цврсто на своите позиции, на крајот би можело да пропадне целиот пакет за бегалците.

Критика за договорот со Турција имаше од самиот почеток како од левиот така и од десниот партиски спектар во Европарламентот. Левичарските политичари ја критикуваа состојбата со човековите права во Турција. Десната страна пак повеќе беше загрижена за тоа дека Европа си дозволува да биде премногу зависна од Турција.

Либералот Верхофштат сепак укажува и на сопствената одговорност на Европејците: Наместо да се обидуваме да оовозможиме да функционира договорот со Турција, подобро е да се погрижиме за тоа до крајот на јуни да ја воспоставиме заедничката заштита на границите во ЕУ“. Единствено решение за проблемот се состои во тоа „ние самите да си ги завршиме домашните задачи“.

Конкретен предлог за тоа изнесе германскиот пратеник од редовите на Христијанско-демократската унија Карл-Георг Велман. Во интервју за весникот Билд тој предложи бегалците, кои од Турција преминуваат на грчките острови, да останат таму и доколку нивното барање за азил биде одбиено , да бидат веднаш вратени во нивните татковини.

Griechenland Flüchtlinge im Flüchtlingslager Moria Lesbos
Фотографија: Reuters/G. Moutafis

Заедничкиот интерес останува

Јанис Емануилидис од бриселскиот Центар за европски политики е запознат со ваквите идеи, за кои смета дека се речиси неспроведлили, посебно во случај Турција да пропушта огромни бројки мигранти кон грчките острови.

„Ако повторно имаме бројки како во минатата година некои грчки острови ќе станат европски логори за интернирање“ , изјави Емануилидис за ДВ , според кого ни Грција ниту ЕУ немаат интерес да се случи такво нешто.

Европратеникот од редовите на германската ЦДУ, Елмар Брок пак повикува на воздржаност во распламтената дебата: „Не треба да се зборува за План Б, доколку претходно дефинитивно не пропадне планот А“. Досега Турција се држеше до својот дел од договорот, што може да се види по драматично намалениот број на бегалци.

И самиот Ердоган има голем интерес од договорот за бегалците. Доколку визната либерализација пропадне поради него, тоа ќе го направи многу непопуларен во неговата земја. Кај Ердоган во игра е многу реторика. „Затоа треба да ги сочуваме нервите“, порачува Брок.

При сета критика за турската влада и договорот, и Јанис Емануилидис смета дека ниту една од двете страни нема да се повлече од договореното. „Ситуацијата ќе биде потешка, но Ердоган сѐ уште е заинтересиран за компромис. А истото важи и за европската страна“. Ма крајот дилот со Турција ќе биде спроведен, предвидува тој, „ а во тоа се вбројува се разбира и прашањето за визите“.