1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дава 30 милијарди евра за развој на Балканот

Вера Солдо/К. Краљевска26 август 2015

Една година откако германската канцеларка Ангела Меркел покрена иницијатива за Западен Балкан, со цел регионот да се зајакне економски и социјално, во Виена ќе се одржи втор самит. Очекувањата на двете страни се големи.

https://p.dw.com/p/1GKlq
Deutschland Westbalkan-Konferenz
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

По речиси една деценија затишје и минатогодишниот прв чекор, германската канцеларка Ангела Меркел покрена со која би требало конечно да воспостави стабилност меѓу балканските земји. Во Виена на 27 август се одржува вториот од четирите планирани состаноци во период од четири години, преку кои ќе се следи напредокот на земјите од Западен Балкан.

Лидерите на земјите од Западен Балкан не можеа да ја одбијат великодушната понуда од Европската унија - инвестирање на 30 милијарди евра до 2030 година за развој на овие земји, и тоа под еден единствен услов: меѓусебна соработка во заеднички проекти.

Меѓутоа, една година по првиот состанок во Берлин, конкретни реализирани проекти „на терен“ и во духот на иницијативата, кога е во прашање БиХ - нема. Причина: не постоеше законска основа. Босанските власти потрошија една година на организација и спроведување на избори, потоа долготрајно формирање на власт, така што дури пред два месеца Советот на министри усвои секторска политика за да се создаде основа за подготовка на проекти, со кои ќе се аплицира за финансирање од ЕУ-фондови, базирани врз „Берлинската иницијатива за Западен Балкан“.

„Неверојатно е дека мина една година во политикантство на босанските политичари, додека Европа, првенствено Германија, понуди своја помош за развој на Западен Балкан. Во исто време, во БиХ се зборува и за нова реконструкција на Советот на министри, што ќе значи и дополнително забавување на работата на политичарите во насока на подобрување на благосостојбата на граѓаните и за развој на земјата“, велат за ДВ претставници од босанската опозиција.

Меѓународната заедница мораше да ги забрзува босанските власти да подготват проекти за Виена

Меѓународната заедница во БиХ, една недела пред виенскиот самит, мораше да ги забрзува босанските власти во подготвување на проекти за да не бидат изгубени 100 милиони евра кои се на располагање оваа година, како што се прекугранични проекти за изградба на два моста кон Хрватска.

„За жал, пропуштени се многу шанси и за оваа година не се гледа особен напредок“, изјави за ДВ, Дамир Хаџиќ, поранешен државен министер за транспорт и врски. Претставникот во државниот парламент и претседател на ХДЗ 1990, Мартин Рагуж, е подиректен и вели дека БиХ по изборите и бавното формирање на власта изгубила една година поради политичка неодговорност.

„Пропуштени се стратешки прилики, понудени првенствено од ЕУ преку фондови и регионални инфраструктурни проекти дефинирани со берлинската конференција, кои создаваат претпоставка оваа земја да стане дел од европската целина, што е недопустливо неодговорно“, коментира Рагуж за ДВ.

Славо Кукиќ, социолог и професор на универзитетот во Мостар, додава дека „ирационалната политичко-демагошка заслепеност ги става сите во ред за чекање, а со некомпетеност не може да се одговори на понудата од ЕУ“.

Но, без оглед на тоа што ниту по една година не е реализиран ниеден проект со БиХ, на „Конференцијата за Западен Балкан“, која ќе се одржи во Виена посебна симболика ќе претставува и потпишувањето на Договор за границата меѓу БиХ и Црна Гора и тоа две и пол децении по престанувањето на статусот на републики на овие две земји во некогашна Југославија.

Што се однесува на БиХ, нејзините „забрзани“ претставници во Виена сепак ќе пристигнат со неколку подготвени проекти од регионална важност.

Westbalkan-Konferenz
Од минатогодишната конференција за Западен Балкан во Берлин (28.08.2014)Фотографија: picture-alliance/dpa

Приорите на БиХ: автопат и гасовод

„Приоритети на БиХ и проекти кои ќе бидат претставени, се изградба на коридорот 5Ц, подобрување на патниот и железничкиот сообраќај, подобрување на условите за работа на пристаништето Брчко, подобрување на условите за работа на аеродромите во Сараево и Бања Лука, а голем интерес има и за продолжување на Јадранско-јонскиот автопат, кој од Почитељ ќе се продолжи преку Попово поле до приклучување во Црна Гора и натаму кон Македонија и Албанија“, потврди за ДВ, Јосип Бркиќ, заменик министер за надворешни работи на БиХ.

Голем акцент е ставен и на енергетски проекти.

„Многу важна димензија за земјите од Западен Балкан е високото ниво на енергетска зависност од увозни енергенси. Сите земји од Западен Балкан се зависни од природен гас, така што многу е важно да се направи верификација на Јадранско-јонскиот гасовод, кој ќе пренесува гас од Азербејџан до Западен Балкан“, објаснува Бркиќ. Тој наведува дека ќе биде предложен и проект за поврзаност, односно транспорт на електрична енергија во земји од регионот, како и изградба или осовременување на постоечките далноводи.

Bosnien und Herzegowina Josip Brkic
Јосип Бркиќ, заменик министер за надворешни работи на БиХФотографија: DW/V. Soldo

Не заборавајте на Западен Балкан

Бркиќ смета дека со новиот пристап и иницијативата на германската канцеларка ќе дојде до афирмација на односите меѓу ЕУ и Западниот Балкан.

„Не треба да затвораме очи пред фактот дека денес во ЕУ постои значителен замор од проширување и важно е да не се заборават земјите од Западен Балкан, да се потврди одлуката од Солун за европска перспектива, и ние од овој регион да спроведеме економско-социјални реформи, заради нас самите и заради исполнување услови за членство во ЕУ, но исто така и заради стабилизација на односите меѓу сите земји и народи на ова подрачје“, заклучува тој.

Тимска игра на лидерите од Балкан

Присуството на виенскиот самит го потврдија лидерите на Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија. На билателарните состаноци ќе присустува и Хајнц Фишер, претседател на Австрија, Себастијан Курц, министер за надворешни работи на Австрија, како и највисоки претставници на ЕУ, првенствено Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Марош Шефчович, потпретседател на Европска комисија и комесар за енергетика, Јоханес Хан, европски комесар за проширување и соседска политика и други.

Најавено е дека ден пред самитот претставниците на земјите од Западен Балкан и европските високи фукнционери ќе одиграат и фудбалски натпревар на виенскиот стадион „Пратер“. Најавено е и дека екипата на земјите од Западен Балкан, во чиј состав на терен ќе излезат и српскиот премиер, шефот на косовска дипломатија, претседател на Советот на министри на БиХ и други, ќе носи дресови со натпис „Идинина - ЕУ“, а ривалската екипа со натпис „ЕУ“.

Без разлика на резулатот, 30 милијарди евра, е, секако, добра сатисфакција за сложна тимска игра на балканските лидери.