1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ веќе нема да има проблеми со бегалци?!

7 март 2010

ЕУ ќе формира биро за азил, кое ќе се грижи за праведна распределба на бегалскиот товар во земјите на Унијата. Ова особено ќе им биде од полза на средоземноморскте држави, кои имаат големи проблеми со илегални бегалци.

https://p.dw.com/p/MIH0
Секоја година пристигаат десетици илјади бегалци во ЕУ

Седиштето на канцеларијата ќе биде во главниот град на Малта, Ла Валета, одлучија европските министри на ЕУ неодамна во Брисел. Малта и други средоземноморски држави одамна бараат од северните земји-членки на Унијата поголама солидарност поради големиот број бегалци, коишто пристагаат во нивните земји. На јужната граница на ЕУ секоја година пристигаат десетици илјади бегалци со бродови - пред се’ од Африка.

Бирото за азил треба да им помогне на погодените земји во иднина да ги намалат капацитетите за прием на бегалци. Освен тоа, канцеларијата треба да помогне за подобра размена на информации меѓу земјите и координирање на иницијативите за префрлање на бегалците во други земји. Меѓутоа ниту една земја не може да биде присилена да прифати бегалци. Освен тоа и бегалците треба да бидат согласни со такото префрлање. Онаму каде е можно, ќе биде вклучена и огранизацијата на ОН за бегалци УНХЦР, се вели во одлуката на министрите за внатрешни работи. Бирото за азил треба да им помогне на земјите-членки на Унијата за полесно применување на европскиот закон за азил и да ги поддржува во заедничката соработка околу прашањата за азил. Европскиот парламент треба уште да го одобри формирањето на бирото, но тој веќе сигнализираше согласност.

„Фронтекс“ оставен на цедило

Flüchtlinge in Griechenland
Најголемиот број бегалци пристигнуваат со бродови од АфрикаФотографија: picture-alliance/ dpa

На состанокот на Министрскиот совет за внатрешни работи на ЕУ се дискутираше и за европската служба за заштита на границите Фронтекс, која беше формирана уште во 2005 година. Оваа служба за жал се покажа како многу слаба, бидејќи е зависна од помошта на земјите-членки, а тие пак, многу често ја оставаат на цедило. Новата еврокомесарка за внатрешни работи Сесилија Малмстром сака да го смени ова: „Што предлагаме? Променет механизам со задолжителни прилози на сите земји-членки. Потребни ни се опрема и персонал“, изјави еврокомесарката Малмстром.

Меѓутоа, еврокомесарката по потекло од Шведска се залага за сеопфатен концепт. Таа имено сака да го поттикнува легалното доселување. А при протерувањето на бегалците, кои немаат право на азил, земјите-членки треба да се приддржуваат до заеднички стандарди: „Ќе има задолжителен кодекс за однесување во случај на протерување, кој треба да важи за сите земји-членки. Кај сите акции за протерување што ќе се спроведат треба да присуствува задолжително еден соработник на хуманитарна организација, како што е Црвениот крст, за да се увери дека се’ ќе се одвива коректно и според меѓународните конвенции“, рече еврокомесарката за внатрешни работи, Сесилија Малмстром.

Автор: Кристоф Хаселбах / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска