1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Есен по „арапската пролет“

23 август 2011

Што следува по арапската пролет? Тоа беше тема на собирот во Хамбург во организацијата на магазинот „Ди Цајт“. Дискутираа политички аналитичари и млади лидери од преку 30 земји.

https://p.dw.com/p/12LM5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тунис доби одлични прогнози. Добро мина и Египет. Експертите кои учествуваа на собирот во Хамбург сметаат дека и двете земји имаат доволно револуционерен елан кој ќе им помогне да ги совладаат преостанатите препреки на патот кон политичките и општествени промени.

Нешто помалку оптимизам имаше кога се во прашање останатите земји во регионот: Бахреин, Саудиска Арабија, Јемен. Во најдобар случај, ним им се прогнозираат мини-реформи и козметички промени, но и останување на старите структури на власт.

Познавачите најмногу време и посветија на Сирија. Мнозинството од нив ја отфрлаат идејата за странска интервенција во земјата.

„Башар Асад веќе е добро протресен. Неговата внатрешна легитимација еродира, а таа беше многу посилна од, на пример, онаа на Мубарак во Египет. Сега во начело може да се чека и да се види како ќе се распадне неговиот апарат на моќ. Кога би се дискутирало за интервенција, тоа само би помогнало да се зајакне еден стар столб на неговата легитимација, а тоа токму отпорот против надворешните непријателски западни сили“, вели Михаел Туман, дописник на „Ди Цајт“ од Сирија.

Еуфорија и отрезнување

Libyen Tripolis Gaddafi
Либиските бунтовници во ТриполиФотографија: picture-alliance/dpa

Актуелниот впечаток е дека насилствата во Сирија ја претворија еуфоријата во ЕУ и САД околу арапската пролет во отрезнување. Надежта во појавата на демократските партнери на Блискиот и Средниот исток кај одредени политичари, на почетокот, предизвика преголемо одушевување. Премногу храбри беа споредбите на востанијата во Јемен и Бахреин со промените во Германија од 1989 година. Реалната состојба во арапскиот свет е далеку поинаква.

Затоа и Вали Наср, поранешен советник на американскиот дипломат Ричард Холбрук, забележува извесна промена во однесувањето на западните земји.

„Делумно се откажуваат од давање целосна поддршка на промените. Секако, беше полесно да се вклучат во состојбите во Египет каде што војската има големо влијание врз политиката. Но, кога ќе ги погледнете другите земји каде што Западот има многу мало влијание врз главните актери, тогаш единствената опција остануваат санкциите или меѓународно координираните акции“.

Промените- единствена сигурна константа

Арапските револуции покажаа дека „стабилноста“, односно она што под тој термин го подразбираа европските политичари за арапскиот свет, повеќе не важи.

„Премногу политичари во Европа повторно ги мешаат стабилноста и стагнацијата. Револуцијата како да не беше предвидена. Арапските и другите моќници досега ги манипулираа европските политичари, говорејќи им дека доколку не се тие на власт во нивните земји ќе завладее анархија или исламистите. Но, токму на примерите на Сирија, Либија и Јемен се гледа дека таквите арапски моќници повеќе не се гаранција за стабилноста“, вели Волкер Пертес од Институтот за наука и политика.

Protest gegen Bashar Assad in Syrien
Протести против режимот во СиријаФотографија: picture-alliance/dpa

Нема универзален рецепт за решавање на актуелната состојба, беше заклучено во Хамбург. Западот ќе мора поактивно да ги следи случувањата во регионот. Затоа промените ќе останат единствената сигурна и стабилна константа во арапскиот свет.

Автор: Уте Хемпелман/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска-Фиданоска