1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерлер: „Противречна политика на Русија“

Оксана Евдокимова / превод: З. Јордановски30 декември 2015

Москва и Западот се доближуваат. Но, има и нови конфликтни линии, кои ќе и’ дадат белег на 2016 година, вели Гернот Ерлер, координатор на германската влада за односите со Русија во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/1HW0A
Фотографија: picture alliance/landov/A. Zhdanov

ДВ: Воената операција во Сирија изгледа како за Москва да претставува и приближување кон Западот. Верувате ли дека тој тренд ќе продолжи и во 2016. година?

Гернот Ерлер: Се надевам на тоа, оти ние во Германија имаме голем интерес да се најде политичко решение за ужасните воени случувања во Сирија. Познато е дека тоа е причина за бегалското движење. По 250.000 загинати и 12 милиони бегалци, ние сакаме конечно да биде спроведен мировен процес и сосем е јасно дека тоа не е можно без Русија.

Кои се целите на руската надворешна политика?

Русија има различни цели. Една од нив отсекогаш беше да ги уредува политичките работи во светот на исто рамниште како и САД. Што се однесува на Сирија, руското раководство успеа во тоа. Примерите - разговорите со претседателот на САД Барак Обама, настапите пред Генералното собрание на ОН, конкретните консултации во Виена и Њујорк - покажуваат дека Русија стигна таму, каде што сакаше и да биде. Истовремено Русија има интерес украинскиот конфликт да се најде во заветрина, оти посакува за тоа веќе да не се зборува толку многу.

Од една страна Русија сака да ги подобри односите со Западот, но од друга гледаме дека државната пропаганда се’ уште е многу антизападна. Како се вклопува тоа едно со друго?

Тука гледам одреден развој. На последната голема прес-конференција Владимир Путин ги пофали американските предлози за резолуција на ОН за Сирија и рече дека всушност би можеле и да се согласат со нив. Тоа е забележителен процес на доближување. Од друга страна пак, се продолжува конфликтот со Турција, што е загрижувачки. Оттука имаме противречен развој на руската политика - не станува збор само за конструктивно решавање на конфликти, туку делумно и за одржување на конфликти, како што е во случајот со Турција.

Porträt Gernot Erler
Гернот ЕрлерФотографија: picture-alliance/dpa

Дали е Русија подготвена да биде пофлексибилна и во украинското прашање?

Ние не знаеме точно кои се политичките цели на Русија во украинскиот конфликт. Во моментов е согледлива следнава тактика на Русија: ’Ние сме, всушност, тие кои се подготвени за реализација на програмата од Минск. Украинците се тие, кои имаат проблем со тоа‘. Поради тоа постојано се бара од Западот конечно да се погрижи Украина да ги изврши своите задачи. Зад ова се крие и еден објективен проблем: за украинското раководство не е лесно да ги спроведе точките од договорот од Минск, кои претстојат. Четири точки постојано предизвикуваат тешкотии: децентрализацијата, уставните промени, уставно регулирана можност за важење и на поинаку уредени договори, како и изборниот закон. Москва тоа тактички го користи, иако и од нејзина страна би требало, на пример, да се спроведе на Украина да и’ се предаде контролата на границата.

Европските политичари веќе одвај и да го споменуваат Крим. Игра ли воопшто уште некаква улога анексијата на Крим?

Ние сега се концентрираме врз ставање крај на борбите во Источна Украина, кои донесоа толку жртви. Дури во некој друг политички процес тогаш ќе биде вратена на дневен ред темата за Крим. Ако тоа сега би го измешале, би имало помалку шанси воопшто да се дојде до некаков резултат.

Западот ги поддржа протестите на Мајдан. Сега нешто се менува: дали Украина го потроши кредитот на доверба?

Не, ние се’ уште во голем обем ја поддржуваме Украина: не само Меѓународниот монетарен фонд со преку 17 милијарди американски долари, туку и Германија со 700 милиони евра за 2015. година. Слични планови има и за наредната година, но тоа е условено со одредени очекувања во врска со процесите на реформи и трансформација. Ние сметаме дека Украина може да биде некој иден силен партнер само ако сериозно се зафати со таа програма, која е дел и од Спогодбата за асоцијација со ЕУ.

Што очекувате во новата година во врска со односите меѓу Русија и Германија?

Нашите односи и натаму се затегнати поради руските постапки на Крим и во Источна Украина. Истовремено, заедно со Франција, Украина и Русија можевме да поведеме еден политички процес - процесот од Минск. Од 12. февруари 2015. има возен ред, кој е решавачки. Преку него, на пример, би можеле да бидат укинати санкциите против Русија. Се’ зависи од тоа, дали обете страни се подготвени да одат по тој пат. Со тие отворени прашања влегуваме во новата година.

Гернот Ерлер е координатор за соработка на општествено ниво со Русија, Централна Азија и земјите на Исаточното партнерство. Тој е и специјален ополномоштеник на германската влада за претседавање со ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во 2016.