1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган против Ататурк

Керстен Книп
12 април 2017

Со воведување претседателски систем, намерата на Ердоган не е само промена на политичкиот систем во Турција. Повикувајќи се на исламски традиции, Ердоган се востоличува и во противник на Ататурк, основачот на Републиката

https://p.dw.com/p/2b66B
Recep Tayyip Erdogan Präsident Türkei
Фотографија: picture-alliance/AP Images/K. Ozer

Молбата на калифот била скромна. За време на петочната молитва, би сакал да носи турбан сличен на оној на султанот Мехмед Втори од 15. век. Дали претседателот би имал нешто против, прашал тој. Овој пак, пресен на функцијата, грубо одговорил: калифот би требало да носи мантил, како што е обичај кај модерните државници. Нешто подоцна, тој дополнил-калифатот претставува „бесмислица“.

Сцената, која турскиот историчар Шукри Ханиоглу ја опишува во биографијата на првиот турски претседател на Републиката, Мустафа Кемал, подоцна наречен Ататурк, е подеднакво симтоматична како за решителноста, така и за грубиот начин на кој што Ататурк се однесувал во поглед на верските и политички традиции на тукушто пропаднатото Османлиско царство. Кемал бил исто толку ригорозен и при пледирањето да го отстрани надлежниот имам од турското национално собрание. „Молитви таму не ни се потребни“, образложувал претседателот. За Кемал, пишува Ханиоглу, постоела во основа само една религија: една секуларна, религија на Републиката.

Sechs Nullen weniger
Присутен до денес - слика на Мустафа Келмал Ататурк на турска лираФотографија: AP

Болни реформи

Широки делови од населението покажале резервираност. Образованата елита во градовите со одушевување ги прифатила Кемаловите реформи, традиционално настроеното мнозинско население, напротив, не сакало да чуе за нив. Поделеност се покажала околу воведувањето многу новини: тоа што во суд вистинитоста на изјавата не се гарантирала колнејќи се во Бога, туку во сопствената „чест“, тоа што турското правосудство во текот на неколку години ги загубило сите верски референци, што лаицизмот во 1937. година е прогласен за темелен принцип на Републиката, исто како и другите реформи: воведувањето на Грегоријанскиот календар, заменувањето на турскиот фес со европски шешир, замената на арапската со латинска азбука, прогласувањето на неделата како ден за одмор наместо петокот, воведувањето на гласачко право за жените во 1934. година.

Мустафа Кемал, наречен  Ататурк („Татко на Турците“), во историјата на Турската Република е влезен како модернизатор, тој се смета за нејзин најважен претставник до денешен ден, барем според официјалното сеќавање. Во суштина, пишува историчарот Ханиоглу, Кемал и неговите соборци ја превиделе реалноста на турското општество. „Раководството на раната Република ја потценило и на несоодветен начин ѝ пришло на силата на отпорот на социјалните врски во едно муслиманско општество. На ист начин како и многу европски интелектуалци на крајот на 19. и почетокот на 20. век, и нивното цврсто убедување, ретроспективно- мамливо, било дека религијата наскоро нема да биде ништо повеќе отколку матно сеќавање од далечното минато.

Hagia Sofia Mosque Türkei Istanbul
Акцент врз религијата-џамијата Аја Софија во ИстанбулФотографија: AFP/Getty Images

Противник

Сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган, во својот обид да воведе нов претседателски систем, во вид го има и Мустафа Кемал, претпоставува дипломираниот географ Канер Авер од Есенскиот центар за турски студии и интегративни истражувања. Можно е, смета тој, Ердоган да има желба да влезе во историјата како најважен државник по Ататурк. Но, него го води и уште нешто друго: „Тој има желба за поседување апсолутна власт. За таа цел му е потребна промена на уставот. Зашто, само на таков начин е законски можно воведување на де факто претседателски систем.“ Во тоа се вклопува фактот што во 2023. година ќе се слави 100-от роденден на Турција. „Во таа пригода Ердоган сака да се презентира во улога на великан, кој ја извлекол Турција од актуелните кризни ситуации во земјата, како и од конфликтите со соседните земји и ја повел кон иднината.“ Реализирањето на оваа визија останува отворено прашање.

За да добие доволна поддршка за планираниот претседателски систем, Ердоган цели на она мнозинско население кое, и по речиси еден век, е непријателски расположено кон реформите на Мустафа Кемал. Ердоган во таа насока спроведува решителна симболичка политика. На едно ритче над Босфорот тој подигна голема џамија, ги зголеми даноците на алкохол и забрани негово консумирање близу џамиите, отежнувајќи им го животот со тоа на многумина угостители и во квартовите со европски печат. Истовремено, Ердоган успеа да ја укине забраната и жените во јавните установи-на пример универзитетите, судовите и Парламентот, повторно смеат да носат шамија.

Taksim Platz Gezi Park Istanbul Türkei
Во име на Републиката - демонстранти со транспарент со ликот на АтатуркФотографија: Reuters

Изјаснување за културниот идентитет

Идеолошки, истакнува Канер Авер, Ердоган припаѓа на национал-конзервативното религиозно милје. „Ако ги постигне своите цели, и во државниот апарат засилено ќе станат присутни соодветни елементи.“ Сепак, малку веројатно е земјата да стане вистинска исламска република. „Меѓутоа, посилно отколку денес ќе се чувствува национал-конзервативниот исламски тенор во структурите и можеби и во законодавството, во јавниот живот, во образованието и во академските кругови,“ вели Авер.

Ердоган сака ново политичко устројство на Турција. Нејзината реформа тој ја води и со културолошки средства. Преку неа тој се дефинира себеси како идеолошка противтежа на Мустафа Кемал. Турција, истакнува историчарот Ханиоглу, беше модерна само на површината. Ердоган сега ги користи конзервативните заспани енергии во земјата. Оттаму, референдумот за претседателски систем е воедно и изјаснување околу културолошкиот идентитет на земјата.