1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган и „непријателите на Турција“

Керстен Книп
26 август 2017

Со своите вербални испади, турскиот претседател настапува на начин кој се сметаше за одамна надминат, и ги држи своите сонародници заробени во историските митови, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/2ikWx
Recep Tayip Erdogan hält Rede in Ankara
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Вербалните испади на турскиот претседател имаат и нешто трогателно. На пример, деновиве тој за германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, изјави: „Тој не знае каде му е местото“, а на адреса на Габриел го упати прашањето: „За кого се сметаш, па зборуваш за турскиот претседател? Разговарај со мојот министер за надворешни работи!“

Илјадници Германци, родени во 1960-те и 1970-те години, ваквите зборови ќе ги примат со извесна носталгија, преку турскиот претседател ќе се потсетат на своите некогашни строги професори, последните претставници на еден авторитарен животен стил, чие исчезнување во тоа време напредуваше со рапидно темпо.

Професорот од ваков ков сметаше дека со своето исклучително „намќорско“ расположение ќе може да ги импресионира учениците и ќе ги принуди на покорност. Но, во својата непопустливост и закоравеност, беше несвесен за новите обичаи, разлабавени од стегите, во кои тој претставува одамна надминат егземплар и веќе не е во духот на времето. Старите крути господа не ја приметуваа анахроноста на своето однесување. Човек може да ги сожалува. Испадите на турскиот претседател, од германска перспектива, сега потсетуваат на драмата на оваа генерација.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Големиот манипулатор

Но, Реџеп Таип Ердоган секако не заслужува воопшто сожалување. Напротив: авторитарната гестикулација, во чии рамки тој на германската канцеларка и на министерот им се обраќа со „ти“, во крајна линија не е ништо друго освен обид за историска манипулација. Преку своето дрско и простачко однесување, Ердоган се инсценира себе си во улога на силен маж, а со тоа и заштитник, „татко“ на Турците. Во истиот некогашен стил на Мустафа Кемал Ататурк, „таткото на Турците“, но со драстично полоши манири.

Имплицираната блискост со Ататурк го покажува притоа размерот на заплетканоста на Ердоган во стапиците на историјата. Имено, Ататурк, идолот и истовремено имагинарен ривал на Ердоган, е мртов веќе 80 години.

Повикувајќи се на османското и во исто време исламско наследство на својата земја, Ердоган се обидува да се дистанцира од изразито секуларно ориентираниот Ататурк.

Двајцата државници ги поврзува максималното иструментализирање на културата базирана на страв, настаната во последните децении на Османското царство, во време кога него Западот го дијагностицираше со изразот „болниот човек на Босфорот“. Кај многумина Турци во тој период, напоредно со процесот на рапидно опаѓање на моќта, се разви мачното чувство на опколеност од непријатели. Погрешните политички потези на Османската ипмерија за последица имаа територијални загуби, кои кај Турците создадоа чувство дека соседите се непријателски расположени кон нив. Тоа е часот на раѓање на турскиот национализам.

Заглавен во митовите на историјата

Политичката елита во земјата ова чувство го искористи на циничен начин. Основачот на Републиката, Кемал Ататурк исто така се служеше со националистички речник, како денес Ердоган. На двајцата им е заедничка желбата своите сонародници да ги чуваат во затворот на минатото, да не им дозволат излегување од паноптикумот на националните митови.

Симболичкото самопреценување, наменето за компензирање на реалната загуба на моќта, можеби оправдано како механизам во почетните години на Републиката, трае до денес, речиси сто години подоцна. Тоа го произведува отровниот шовинизам, бран на кој Ердоган се надева да сурфа до победа на турските претседателски избори во 2019. година. 

За оваа цел, нема цена која не е подготвен да ја плати. Не се воздржува дел од своите луѓе и натаму да ги држи заробени во митовите на минатото. За остварување на личниот политички успех, спремен е да им забрани пристап во сегашноста. Реториката на Ердоган, колку и да изгледа смешна и безнадежна во Германија, во Турција го блокира културниот, а со тоа и политичкиот развој. Тоа е точката на која реакционерното однесување на Ердоган веќе не е воопшто смешно.