1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еленовски – лесната коњица на Ахмети

3 март 2018

Според повеќе извори, Лазар Еленовски бил предлог на Али Ахмети од 2014 година за консензуален претседател на Македонија. Идејата тогаш не помина, но зошто не би се ставила на маса и во 2019-та? Колумна на Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/2tae8
Mazedonien | ehemaliger VerteidigungsministerLazar Elenovski
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Најмалку пет работи произлегуваат од назначувањето на Лазар Еленовски за специјален пратеник на Владата во НАТО. И речиси сите имаат домашен контекст. Првата е дека по четири години поминати во Брисел како амбасадор на Македонија во Белгија, враќањето во татковината почнува да прилега како кошмар кој треба да се избегне по секоја цена. Кога во 2016 година заврши амбасадорувањето на Еленовски неговата сопруга решила да остане да живее во Брисел, наводно тој не можел да најде работа во Белгија (а овде е оценуван како многу стручен кадар), што можело да се претвори во семејна драма. „Стручниот кадар“ Еленовски речиси и да не знае да работи ако не е приклучен на државна славина, па неговата „молба“ да го задоволи сопствениот комфор се претвори во лобирање кое, ете, му донесе лична сатисфакција – да не мора да се соочи со комплицираниот живот во неговата татковина. Тој е еден од многуте државни патриоти кои велат дека ја сакаат татковината и ќе работат за неа од дистанца – ако примаат инфузија од буџетски пари. 

Втората работа е потврдата на местото коешто Еленовски го изгради во вечната владина партија – ДУИ. Според многу информации од доверба, токму Лазар Еленовски бил човекот кого го имал на ум Али Ахмети во 2014 година кога инсистираше за избор на консензуален претседател на Македонија. Тогаш Еленовски задоволуваше барем два услова: веќе две години беше амбасадор во Брисел, како избор на владата на Никола Груевски со поддршка на Ахмети, и е дете од мешан брак – татко му е Македонец, а мајка му Албанка, а ги зборува и двата јазика на неговите родители. Неговото искуство како поранешен претседател на Социјадемократската унија (тогашен владин коалициски партнер) и како поранешен прв човек на Евроатлантскиот совет (плус некогашен лидер на младината на СДСМ) требаше да му обезбеди некоја поширока општествена база. Груевски не се согласи на таквиот предлог за консензуален кандидат, па Ѓорге Иванов го освои и вториот мандат.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Но ако плановите не се оствариле тогаш, не значи дека не би можеле да се активираат и во иднина. Партијата на Еленовски сега е дел од новата владина коалиција, па нема да биде ништо чудно доколку Ахмети до крајот на годинава повторно ја стави на маса (сега пред Зоран Заев) идејата за консензуален претседател на изборите идната пролет. Лазар Еленовски пак би можел да биде консензуалниот предлог. Во неговото портфолио би била закачена уште една страница која треба да биде дополнување на неговата „консензуална биографија“ – специјален претставник во НАТО.

Полифона влада

По исклучително лошиот одек што го имаше во јавноста неговото назначување на новата функција, партијата на Ахмети целосно застана на негова страна, соопштувајќи дека „Еленовски е кадровско решение предложено од ДУИ. Тој е исклучително стручен познавач на евроатлантските интеграции и со своето знаење и експертиза ќе обезбеди значаен придонес во евроатлантските аспирации на Македонија“. Но ДУИ нема да спомене за „молбата“ на Еленовски да останел со семејството, а државата да му биде патрон во таа драма залиена со лажни солзи.

Понатаму, именувањето на Еленовски создава перцепција за контролирана конфузија во Владата, која на моменти наликува на полифон организам. Јасно се гледаше нелагодноста на владиниот портпарол кога се трудеше смирено да објасни како бил избран Еленовски, но тоа само потврди дека во коалицијата има две шини, кои се спојуваат само кога скретничарот брзо интервенира. Згора на тоа, Министерството за надворешни работи, оправдувајќи го назначувањето на Еленовски, соопшти како без него речиси и да не би било можно остварувањето на целта – членство во НАТО.

Со именувањето на Лазар Еленовски сега речиси цел вод функционери ќе се занимава со НАТО. Тука е министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, амбасадорот во НАТО, Зоран Дабиќ, специјалниот пратеник во НАТО, Лазар Еленовски, и како надворешна поддршка - претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани. Именувањето на Еленовски во најмала рака ќе доведе до поклопување со работата на Пендаровски (а во голема мерка и нејзино поткопување) и дипломатската мисија на Дабиќ. Една вистинска какофонија за да се задоволат личните желби на Еленовски, а можеби и да се трасираат идните планови на Ахмети.

PK NATO stellv. Generalsekretär Rose Gottemoeller mit mazedonischen Ministerinnen
Сега цел вод функционери ќе се занимава со НАТО: министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, амбасадорот во НАТО, Зоран Дабиќ, специјалниот пратеник во НАТО, Лазар Еленовски, претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани...Фотографија: NATO

Овој дуализам меѓу владините партнери веројатно е и подлабок во коридорите на власта, но јасно се забележува и на јавната сцена. Пратеникот Артан Груби неодамна во Њујорк имаше неочекувана средба со медијаторот за името Метју Нимиц, обидувајќи се да создаде перцепција и за својата улога во решавањето на спорот. Па дури и да дава оценки каков тајминг би требало да има решавањето на спорот. Вицепремиерот Бујар Османи на неколку пати објаснуваше дека решението за името само што не било донесено и дека останале уште некои детали, наспроти очигледната внимателна резервираност на шефот на дипломатијата, Димитров. Али Ахмети и парламентарниот спикер, Талат Џафери, во повеќе наврати зборуваа дека не е потребен референдум за името, туку дека договорот може да помине и само со усвојување во Собранието, наспроти јасниот став на премиерот Заев.

Дури и политичките аматери јасно ќе го постават прашањето, кое како да е испишано на билборд – има ли владата некаква внатрешна кохезија, усогласена стратегија или поради фрагилното мнозинство, кое едвај се држи на патерици, секој копа ров од кој ќе изрипа на избори доколку таа ненадејно колабира. Има десетици и десетици случаи во Европа последниве 40-ина години на мнозинства тенки како брич, но тешко се наоѓа пример кога владините партнери работат толку многу да го поткопаат она кое едвај стои. И тоа во време на една голема промена во општеството по соборувањето на авторитарен систем. Некои тоа би го нарекле самодеструкција, но тоа е повеќе опседнатост со самите себеси и замислената улога во општеството.

Бруталноста на политиката

Владата како да остварува две агенди – едната на СДСМ, а другата на ДУИ. Во дворот на интегративците, пак, се одвиваат барем две паралелни приказни: прво, Ахмети сака по секоја цена да се прикаже како неприкосновен лидер на Албанците, а во штембиљот за таа улога треба да бидат пополнети и графите за членството во НАТО и усвојувањето на законот за јазиците; и второ, со голо око се гледа како во овие драматични месеци за Македонија се заземаат и стартните позиции за изборот на наследник на Ахмети. Бујар Османи би сакал да биде политичарот запаметен дека го донел почетокот на преговорите со ЕУ, а Талат Џафери, на пример, дека бил претседателот на Собранието, Албанец, кој успеал со својата умешност да го истурка контроверзниот закон за јазиците.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Ахмети сака по секоја цена да се прикаже како неприкосновен лидер на АлбанцитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Во основа, другите работи остануваат на спореден колосек. Ако на ДУИ ѝ беше важна кохезијата на Владата немаше, на пример, да инсистира на именувањето на Еленовски и со тоа да направи уште еден длабок поткоп во ерозијата на поддршката на СДСМ и Зоран Заев. Основната премиса во политиката на ДУИ е дека на овој или на оној начин тие секогаш се победници. И тогаш кога губат. И дека не е на одмет веќе да се подготвуваат за другото ново време (откако го затруја сегашното), кога повторно ќе се фатат под рака со ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи го како реформирана партија во чие раководство нема луѓе осомничени за корупција.

Овие настани веќе го ставија на лизгав терен Зоран Заев. Неговиот оптимизам за името полека го губи тлото заради ирационалните уцени од грчката влада, кои веќе ја поминаа границата на преговори и се на патот да се претворат во диктат кој во Скопје ќе биде отфрлен. Случајот со Еленовски ќе почне да го забрзува процесот на алиенирање на некои од неговите коалициски партнери, ќе ги дистанцира неговите клучни соработници (како Радмила Шекеринска, која поради едно измислено обвинување токму од Еленовски беше осудена за клевета) и не да се поставува прашањето „да се врател дома“, туку дали има концепт во неговата политика. Френклин Рузвелт велеше дека „во политиката ништо не настанува случајно. Ако тоа се случува можете да се кладите дека било планирано на тој начин“. Заев мисли дека сѐ уште може да ја менаџира ситуацијата во владината коалиција, да прави отстапки кои ги испланирал за да може да ги постигне поголемите цели и конечно да почне вистински да испорачува. Некои одлуки на Владата се подалеку од обичната перцепција во јавноста (на пример, промената на имињата на аеродромот и автопатот имаа алиби како пријателската отстапка спрема Грција, но, во основа, оваа одлука е насочена кон отфрлањето на домашните приказни за несигурниот идентитет) и одат во трасирањето на граѓанско општество. Но во политиката работите некогаш се многу брутални – една погрешна одлука може да поклопи сто добри. Случајот со Еленовски е типичен пример за тоа.

Други колумни од авторот:

Тајна или јавна дипломатија

Последниот бедем за името е дијаспората

Моќта на спомениците

Најпосле, но не и последно, е основното прашање – што ќе работи Лазар Еленовски во Брисел? Со кого ќе се среќава, кои ќе бидат неговите соговорници? Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели дека опсегот на неговата работа ќе биде мал, затоа што амбасадорите на земјите членки официјалните средби ги остваруваат со дипломатите кои се на нивно ниво, во конкретниот случај, амбасадорот Зоран Дабиќ. Можеби Владата и да не е задоволна од работата на Дабиќ, но таа има други механизми за да го искаже своето незадоволство, а не со именување специјален пратеник, кој нема пристап до структурите на Алијансата. Во основа, на Еленовски во најголема мерка му остануваат средбите со невладините организации посветени на улогата на Алијансата во Европа, во промовирање на интересот на Македонија за членство во НАТО и укажување што би добил воениот сојуз со ширењето на Балканот, и други такви општи приказни. Кажано со неколку збора – неговата улога би била на нивото на платен владин лобист. И ништо повеќе.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар