1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Експертите сметаат дека озборувањето е здраво

Кристоф Дрисен (дпа) / ЕМФ8 октомври 2016

Материјал за трач има секогаш! Според научниците, оние што озборуваат, односно „трачарат“, не би требало да имаат лоша совест. Напротив!

https://p.dw.com/p/1K6fw
Фотографија: Fotolia/Faber Visum

Па, дали досега добро го „протресовте“ разводот на Анџелина Џоли и Бред Пит? Добро сте направиле, ќе ви рече матичниот лекар. Затоа што трачот е здрав, тврди еден реномиран научник. И се оди дури и подалеку, па се тврди дека озборувањето е она што го разликува човекот од животните.

За експерт на ова поле со години важи британскиот еволутивен психолог Робин Данбар од Универзитетот Оксфорд. Неговата теорија накусо гласи: озборувањето потекнува од негувањето на крзното на мајмуните. Негата на крзното оди во прилог на одржување на заедништвото на групата, но одзема многу време. Оттука и настанокот на јазикот на човекот. Неврзаниот разговор е поефективен од чешкањето, затоа што со зборови може да се допре до повеќе социјални партнери одеднаш. На пример, кога со колегите се стои во ходник и кога навечер се оди на забава со пријатели. Ништо притоа не се „голта“ толку алчно како новиот трач за заеднички познаник.

Псст, знаете ли дека...? Кој знае добро да озборува, има и многу слушатели. А, кој има многу социјални контакти, има добри шанси да живее подолго. Данбар дури оди и подалеку, па тврди: „Најважниот фактор за преживување е големината на социјалната мрежа. Тоа има многу поголем ефект од сѐ останато, ако го исклучиме пушењето.“

„Трачарењето“ го зајакнува чувството на заедништво. Колку е помала и позатворена групата, толку повеќе се озборува - на пример на село многу повеќе отколку во град. Трачот има и функција на еден вид систем за рано предупредување. Ако за некого се слушаат постојано лоши работи, се станува претпазлив кон него. Повеќе истражувања имаат покажано дека мажите озборуваат исто колку и жените.

Symbolbild Mobbing am Arbeitsplatz
Фотографија: Fotolia/Gernot Krautberger

Зошто толку многу луѓе се интересираат за луѓе кои никогаш не ги сретнале и веројатно никогаш и нема да ги сретнат, како на пример Џоли и Пит? Објаснувањето е следно: ѕвездите се пример за многу луѓе. Бред и Енџи - како што ги нарекуваат нивните фанови - беа веројатно највлијателната позната двојка на планетата. Тие беа прилично долго заедно, барем мерено со холивудски критериуми. „Во моментот кога тоа се урива, потресени се претставите за вредности на луѓето кои се интересираат за тоа“, анализира професорката по комуникологија на Универзитетот Манхајм, Ангела Кеплер. Ваквите потреси во екстремни случаи би можеле да ги променат социјалните норми, оценува американскиот психолог Чарлс Вокер, специјализиран за истражување на озборувањето. Вечна љубов? Можеби ја нема. Други студии пак укажуваат дека токму со катастрофалните врски , како што се пропаднатите бракови на познатите личности, се транспортираат лекции по морал. На пример, независно од Џоли и Пит: изневерувањето може да се одмазди, па подобро е да се тргнат рацете од тоа. Тоа е сличен принцип како кај приказните.

Озборувањето на познатите личности има и уште две практични предности. Прво, ги знае секој, па за нив може да се „трачари“ и дома и на работно место. Второ, предметот на озборување никогаш нема да дознае за тоа. Ако се озборува некој од колегите, тогаш тоа би можело да стигне до неговите уши, а тоа би било непријатно! Но, Бред... Бред нема да се јави. А, дури и ако се случи такво нешто, тогаш човек би имал толку добра прикаска за раскажување, што животот би можел да му се продолжи одеднаш за неколку години.