1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екс-советникот на Трамп нуди изјава во замена за имунитет

ЖА
31 март 2017

Мајкл Флин, екс-американскиот советник за безбедност, според медиумски извештаи, ќе сведочи пред Конгресот за контактите на тимот на Трамп со Русија, доколку му се гарантира имунитет.

https://p.dw.com/p/2aNpD
Michael Flynn
Фотографија: Reuters/C. Barria

Поранешниот советник за национална безбедност на САД, Мајкл Флин, е подготвен да даде исказ во врска со наводните врски на луѓе од тимот на американскиот претседател Доналд Трамп со руската влада. Како што јавува „Вол стрит џурнал“, повикувајќи се на информации од повеќе политичари кои се во тек со случајот, поранешниот советник на Трамп преку својот адвокат ја информирал ФБИ и два одбори на Конгресот за својата понуда. Флин „има приказна што радо би ја раскажал, доколку околностите тоа го дозволуваат“, изјавил неговиот адвокат Роберт Келнер. „Ниеден разумен човек не би дозволил да биде испрашуван во услови на ваква силно наелектризирана политичка хајка без гаранција дека нема да биде кривично гонет“, дополнил адвокатот.

Досега нема реакција на понудата од Флин, пишува весникот во интернет-изданието. Нејасно е околу што конкретно Флин би сакал да зборува, изјавил извор за весникот, но молбата за добивање имунитет изразена од екс-генералот, е „храбра од правен аспект“.

Флин беше принуден да даде оставка по само триипол недели од стапувањето на функцијата советник за национална безбедност во Белата куќа, откако излегоа на виделина неговите разговори со рускиот амбасадор околу американските санкции воведени против Русија, пред тој да стапи на должноста. Флин ја премолча содржината на разговорите. Лажниот исказ на Флин беше откриен благодарение на снимките на телефонските раговори при рутинското прислушување на амбасадорот од страна на ФБИ.

Кон 58-годишниот генерал и претходно владееше недоверба поради неговите блиски контакти со Русија. Флин настапи на државно финансираната руска телевизија РТ, а при една гала-вечера во Москва седеше покрај рускиот претседател Владимир Путин. Учеството на гала-вечерата го чинело 33.000 долари, како што се дозна во средината на март.

Со сомневањето за постоење тајни контакти меѓу соработниците на Трамп и Москва во меѓувреме се занимаваат и Сенатот и Одборот за тајни служби на Претставничкиот дом на САД, а истрага води и ФБИ. Во фокусот на истрагата е и улогата на поранешниот менаџер на изборната кампања на Трамп, Пол Менфорт, исто осомничен за контакти со Русија и Украина.