1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските мудреци незадоволни од Меркел и компанија

Хенрик Беме
3 ноември 2016

„Време е за реформи“, гласи насловот на годишниот извештај на Советот на економски експерти во Германија. Канцеларката Меркел одмавнува со глава - доволно е направено, иако економските експерти имаат поинакво мислење.

https://p.dw.com/p/2S55t
Deutschland Jahresgutachten zur gesamtwirtschaftlichen Entwicklung
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Политичарите не можат сѐ да знаат. И не мораат, зашто тука се експертите, во сите области, во Бундестагот, во министерствата и во Владата. Во поглед на економијата и финансиската политика, се прави анализа трипати годишно. Напролет и наесен тоа го прават водечките економски институти. Во ноември секоја година пак Советот на економски експерти врши анализа на вкупниот економски развој и работата на владата.

Ова тело постои од 1963 година, вчера (02.11.2016) се состана по илјадити пат. Петмината водечки економски експерти на чело со својот сегашен раководител, конјуктурниот истражувач од Есен, д-р Кристо М. Шмит, во Владата ѝ го предадоа извештајот на Ангела Меркел.

Европа во опасност?

На Германија и на евро-проросторот им оди добро само поради лабавата монетарна политика на Европската централна банка, гласи поразувачката оценка на, како што се нарекуваат, „економските мудреци“. „Порастот не е самоносечки и германската економија расте над своите потенцијали“, критикува Шмит, кој ѕвони за узбуна во целата еврозона. „Реформскиот полет е парализиран, нужната буџетска дисциплина не се почитува во доволна мерка“. Сегашната лабава монетарна политика ги покрива сите овие ризици. „Стабилноста на финансискиот пазар засилено доаѓа во опасност и напуштањето на оваа експанзивна монетарна политика ќе биде сѐ потешко.“

Советот на економски експерти како посебно критично го гледа загрозувањето на европскиот проект преку одолговлекувањето на проблемите во еврозоната. Кај ЕУ веќе не е препознатливо нејзиното ветување за мир и пораст на благосостојбата. Експертите сметаат дека во опасност е и улогата на Германија како „стабилизирачка котва“ и „мотор на развојот и просперитетот“.

Спиење на ловорики

Сојузната влада недоволно го искористила поволниот економски развој од минатите години за спроведување пазарно ориентирани реформи, критикува Советот на економските експерти во својата преку 500 страници обемна анализа. „Сметаме дека токму сега е вистинскиот момент за почеток на реформи“, изјави Шмит при предавањето на извештајот на Ангела Меркел.

„Како и секогаш, извештајот во прифаќаме со интерес и со респект“, одговори канцеларката која излагањето од Шмит го следеше со непроменет израз на лицето, а потоа се потруди да го разјасни односот на силите. „Мислам дека владата е на мисла и со чувство дека постојано врши реформи, дали се тие соодветни на вашите претстави, можно е постоење разлики.“ Меркел пријателски се смешкаше, дополнувајќи: „Но, Вие сте ни потребни токму за таа цел, за создавање извесна конфронтација во конструктивен смисол.“  

Berlin Angela Merkel - Johann N. Schneider-Ammann
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Gambarini

Меркел блокира

Анализата има само советодавен карактер, таа не е обврзувачка за германската влада. Но, постои единствен став во оценката за поволноста на моментната економска ситуација, а владата, како што истакна Меркел, знае дека тоа не е бланко-чек за во иднина и дека Германија и Европа, со оглед на промените во светот, не се на позиции на кои што би сакале. „Анализата затоа нуди лектира за секој ресор да види какви се Вашите очекувања од нас,“ рече Меркел.

Притоа, економските мудреци не бараат ништо друго освен промени во даночната, пензиската и политиката на пазарот на труд. Мора да се извршат промени првенствено во поглед на конкурентноста и идната работоспособност. Реформите треба да бидат насочени кон пораст на ефикасноста. Во овој поглед не е чудо што економските експерти немаат поволни оценки за досегашната работа на големата коалиција.

Јасни препораки

Воведувањето минимална плата, пензии за мајките и пензија со 63 години според економските мудреци е погрешно, тоа дури може да го слабее економскиот развој. Тие бараат и нови промени во данокот на наследство кај наследниците на претпријатија. Според експертите, старосната граница за одење во пензија треба да биде во корелација со растечкиот животен век. Останатите предлози предвидуваат јакнење на секторот на ниски примања, изедначување на шансите за образование, подобро интегрирање на бегалците на пазарот на труд, воведување јасни правила за миграција и реформирање на даночниот систем на начин што нема да доаѓа до затскриено зголемување на даночната стапка преку т.н. ладна прогресија.

Поголема национална одговорност во ЕУ

На европско ниво Советот на економски експерти се зафатил меѓу другото со претстојниот излез на Велика Британија од ЕУ. Во преговорите за Брегзит треба да се инсистира на слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. „Ние сме на јасно мислење дека ова ја претставува сржта на ЕУ и овие четири темелни слободи не смеат да бидат компромитирани“, вели Шмит.

Слободното движење на луѓе притоа значи слободен проток на работници, но не и слобода на селење во социјалните системи. Во основа, ЕУ мора да се реформира на начин што ќе се потенцира т.н. принцип на солидарност. Во фискалната, политиката на пазарот на труд и во социјалната политика е потребна поголема национална одговорност, а кај темите климатска, политика на азил и внатрешна безбедност треба да се иснистира на посилен интегритет.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58