1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски мигранти во Германија: Не успеваат сите

Вера Солдо
23 ноември 2017

Поголем дел од денешните гастарбајтери од БиХ во Европа, полесно или потешко, но се снаоѓа и се прилагодува кон животот и работата но новата земја и општественото опкружување, но постојат и такви кои сепак не успеваат.

https://p.dw.com/p/2niyF
Deutschland Bauarbeiter bei der Arbeit Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Брановите миграција од БиХ не престануваат. Само во последните четири години, според податоците на Унијата за одржливо враќање и интеграции од БиХ, во потрага по подобар живот заминале 151.000 граѓани. Еден цел Мостар и Широки Брег-заедно.

Сепак, не успеваат сите, а нивното враќање во татковината, „крунисано“ со неуспех, се смета за своевиден пораз. И илјадници Херцеговци во последните три години се „запишаа“ во економска миграција, но за Мате З. и за Иван Б. тоа било животно разочарување. Барем така тие го доживуваат.

„Невозможно ми беше да живеам од келнерска дневница од 25 конвертибилни марки, но откако се вратив од Карлсруе пред неколку месеци, за што едвај 'изгребав' за автобуски билет, сега тоа веќе не ми претставува најголема трагедија. Но, најмногу ме погодуваа шегите на моја сметка, како се снашол овој или оној, а јас не сум успеал“, раскажува Мате за Дојче веле. Не сака да го фотографираме, а не сака ни да го каже своето презиме, зашто сето му е уште премногу „пресно“.

Deutschland Arbeiter
Гастарбајтерството не е лесна одлукаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

Тежок гастарбајтерски живот

Патот во Германија уште му е во свежо, непријатно сеќавање.  Не успеал да стане уште еден во бројните економски мигранти од БиХ.

„Еден цел месец на почеток барав работа. Потоа имаше сѐ и сешто. Миев садови по ресторани до зори, едвај го плаќав станчето што го делев со уште двајца. Постојано бев преморен. Немав шанси за посериозно вработување без знаење германски јазик, а она што го заработував, одеше за станарина и за храна. Живеев кучешки живот. Ми беше полошо отколку претходно дома“, се жали на своето искуство овој мостарец.

Не сакаат сите да работат во Германија

Уште полошо од начинот на живот во Германија му паднало соочувањето со одлуката дека мора да се врати дома, во спротивно, соочен со можноста лесно да заврши на улица и без скршена пара во џебот. Прекршувањето било неминовно, но тешко. Семејството го повикувало да се врати, убедувајќи го дека и дома ќе најде работа, но Мате треперел и стравувал од „срам од неуспехот“. Најтешко било токму тоа, признавањето неуспех: „Се срамев да се вратам, да се соочам и да ги истрпам шегите од пријателите на моја сметка.“

Сега ја работи својата стара работа, но- посетува и курс по германски јазик. „Сигурно пак ќе одам во Германија. Во меѓувреме подобро ги знам работите, ќе одам на сигурно. Дома е дома, но не можам да се помирам со голо преживување“, заклучува тој.

West Balkan Länder - Bosnien Herzegowina - Mostar
Мостар - дома е најубавоФотографија: Imago/Westend61

„Никогаш веќе нема да го напуштам својот дом“

За разлика од него, неговиот сонародник Иван Б. е помирен со своето враќање од Минхен од пред само неколку дена. Оженет е и татко на две мали деца. Неговата заработувачка не достигнувала за посакуваниот живот за семејството, без оглед на доброто работно место во едно јавно претпријатие.

Иван ја напуштил работата, ги спакувал куферите и се упатил во Минхен. Семејниот план предвидувал доаѓање и на сопругата и децата, откако тој ќе се снајде, и почнување нов, подобар живот во земјата во која пензијата макотрпно работејќи, ја заработил и неговиот татко.

Но, плановите се испоставиле како пуста надеж. „Во БиХ имав плата од 1.200 КМ, а во Германија како ноќен чувар заработував околу 1.600 евра. Платата беше под сите очекувања, доаѓањето на сопругата и децата не доаѓаше во предвид. Цената на разделеноста беше прескапа за толку малку заработени пари. Така, решив да се вратам“, раскажува Иван за својата краткотрајна гастарбајтерска авантура. Тој не помислува на враќање во Германија, ниту одење било каде. Никогаш не би сакал веќе да се раздели од семејството, да го помине животот онака како што тоа го направил татко му. Само благодарение на разбирањето на работодавачот, може да се врати на старото работно место и да го продолжи претходниот живот.

„Ова не го доживувам како триумф. Разочаран сум, уште повеќе што вистински не ми беше дојдено 'до грло'. Тука се и децата - не бев подготвен на раздвојување, на какво беа спремни некогаш нашите родители“, ја заклучува Иван својата приказна која, сепак, смета дека има среќен крај.