1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економската зависност, главен проблем на медиумите во БиХ

Драган Максимовиќ23 октомври 2008

Ситуацијата во медиумите во Босна и Херцеговина е подобрена, но зачестени се заканите упатени на адреса на новинарите. Поради разни притисоци и неефикасното судство, во земјата речиси и да нема истражувачко новинарство.

https://p.dw.com/p/Few7
Фотографија: AP

Дневниот весник „Независне новине“ во Република Српска на 26 октомври 1999 година излезе во невообичаен формат. Првите три страници беа бели и на нив беше напишан само еден збор - „Бараме.“ Бараа брза и ефикасна истрага, и апсење на атентаторите на сопственикот, а воедно и главен и одговорен уредник на весникот, Жељко Копања. Пред девет години, поради новинарски написи, под неговиот автомобил беше подметната бомба, од чијашто детонација тој ги загуби двете нозе. Девет години подоцна, Копања зборува за медиумската ситуација во земјата. „Кога се зборува за новинарството во БиХ, ситуацијата е многу подобра во однос на 1999 година, која јас настрадав, но сеуште е далеку од медиумската слика којашто ја има во западните земји. Причината е во тоа што медиумите во Босна се многу економски зависни, па се подложни на притисокот од мафијашките и тајкунските групации кои влијаат врз нивната уредувачка политика. Новинарите, во меѓувреме успеаа да изградат некаков дигнитет, кој е сосем поинаков од времето во коешто јас настрадав.“

Zeljko Kopanja mit Antonia Rados und Herbert Krejci
Новинарот Жељко Копања е инвалид по обидот за атентат врз негоФотографија: AP

Недостасува истражувачко новинарство

Новинарите во БиХ ја делат судбината на општата клима и ситуацијата во којашто се наоѓа земјата, смета шефот на информативната програма на Босанското радио 1, Емир Хабул. Според него во земјата во којашто не функционира правниот систем, и каде полицијата и судството не си ја работат работата, не може да се заштитат ниту заштитените сведоци, а камоли новинарите. „Така доаѓаме во ситуација, само мал број новинари да влезат во зоната на истражувачкото новинарство и да го истражуваат криминалот, додека мнозинството не се занимава со такви теми,“вели Хабул.

Mostar Touristen
Новинарите немаат соодветна поддршка од јавноста во секојдневното работењеФотографија: DW

Одредени медиуми го добиваат епитетот криминални, бидејќи се блиски со политичкиот врв во кантоните, ентитетите или државата. За жал, ваквата состојба, велат експертите, е реалноста па во такво опкружување не може да се очекуваат значајни откритија на новинарите во врска со одредени криминални активности. Новинарот на весникот „Ослобоџење“, Гордана Катана, смета дека економскиот притисок е главниот проблем на новинарството во земјата. „Ако го изземеме случајот на господинот Копања и обидот за негово убиство, новинарите сега, се помалку или повеќе, безбедни. Но, според мене, најголем проблем е економскиот притисок, поради кој се доведува во прашање егзистенцијата на поедини новинари. Од друга страна новинарите се постојано изложени на закани, кои веќе не може ни да се бројат.“

Нема еснафска поддршка

Но, и новинарите се приказна за себе. Ниту еднаш поради политички притисок врз новинар или медиум, немало реакција од другите медиуми. Напротив, тоа се користи како уште една причина за стории кои одат во сосем поинаква насока. „Проблемот е во тоа што нашата професија не застанува заедно во одбрана на новинарите на соодветен начин, како и во тоа што новинарите немаат соодветна поддршка ниту од јавноста“ вели новинарот Емир Хабул.

За разлика од крајот на деведесеттите кога беше опасно да се пишува за масовните гробници и паравоените единици, ситуацијата денеска е подобра. Но, на сцената доаѓаат други теми кои предизвикуваат реакции од криминални групи, но и од политичкиот врв во земјата.