1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економска војна меѓу Русија и Турција

Јури Решето/сн5 декември 2015

По соборувањето на рускиот борбен авион, Москва одлучи да воведе економски санкции кон Турција. Руските медиуми тврдат дека тоа нема да се забележи, ама многу Руси би можеле да останат без работа.

https://p.dw.com/p/1HFNA
Фотографија: Getty Images/AFP/V. Maximov

Одеднаш сите зборуваат за Турција. Но, повеќето не знаат за што зборуваат, бидејќи многу работи не се јасни. Мојот пријател Максим вчера дојде кај мене на пиво и донесе шише „Стари Мелник“. „Стари Мелник“ и „Залатаја Бочка“ се пива кои Русите најмногу ги сакаат. Тоа се две од вкупно 25 вида пиво кои му припаѓаат на турскиот произведувач ЕФЕС. 25 вида- тоа е 17 проценти од руската потрошувачка. Од турска рака. На Максим повеќе не му се допаѓа неговото сопствено пиво кога дозна за декретот на претседателот Путин со кој се „ограничува стопанската дејност на турските фирми во Русија“, или на руски убаво кажано: со кој Максим се исфрла на улица ако ЕФЕС веќе не смее да произведува пиво во Русија.

Сите одеднаш забележаа дека Турција е голема во Русија. Најголема е во Москва, ако ги погледнеме облакодерите во Москва сити изградени пред неколку години. Модерната кула „Еволуција“ ја изгради турскиот концерн „Ренесанс контракшн“. Во Русија работат повеќе од 100 турски градежни фирми, многу од нив учествуваа во изградбата на престижни објекти како што се борилиштата за Олимписките игри во Сочи, работеа на санација на државната Дума, го градеа автопатот М11 Москва-Санкт Петерсбург и новиот аеродромски терминал во Санкт Петерсбург.

Strand von Antalya
Фотографија: Mikael Damkier - Fotolia.com

Откажување од турските туристички дестинации?

И додека Максим се грижи како сега ќе заработува пари, 4,5 милиони негови сонародници размислуваат за тоа каде сега ќе ги трошат парите. Толку многу Руси, имено, минатата година го поминаа својот годишен одмор во Турција. Не знам никој кој од тоа не беше воодушевен. Турција е баш голема во Русија... беше. А сега? „Сега треба да го пробаме Крим“, се жали една млада жена во нашата блиц-анкета на московските улици. „Секако дека Туција е подобра, но што да правиме?“

Израелските туристички организации знаат што прават. Ги превземаат туристите. Насекаде во Москва има плакати на кои тие ги привлекуваат потенцијалните љубители на Мртвото море. Тел Авив и Ерусалим се во подем. Израел зборува руски- тоа е одамна познато. „Но“, вели Лариса Акханова од „Тез тур“, една од најголемите туристички агенции, „ќе биде тешко да се најде вистинска алтернатива за Турција. Во Русија нема доволно хотели, нема инфраструктура за одмор на толку голем број луѓе на домашен терен“. Таа во разговорот за ДВ вели дека како алтернативни цели би можеле да дојдат во предвид Абу Даби, Кипар и Тунис. А граѓаните на Москва и Санкт Петерсбург ионака ја сакаат Германија- таа е по број на руски посетители на трето место по Египет и Турција. Берлин е одалечен само 2,5 часа лет од руската престолнина, а авионските карти не се скапи.

Russland Industriestadt Pikalevo
Фотографија: Andrey Kalich

Погодени се многу економски гранки

Но, да се вратам на деретот кој на мојот другар Максим и на многу други луѓе им го расипа расположението. Од 1. јануари веќе нема меѓусебно посетување без визи. Нема да има чартер-летови. Редовните линии не се погодени со новата мерка. Се’ уште не. Инаку компанијата „Туркиш ерлајнс“ би морала да се откаже од 88 лета дневно. На стоката произведена во Турција ќе биде воведено ембарго. Тоа се пред се’ лимоните и доматот, но и текстилната стока и авто-деловите. Веќе сега може да се слушне дека некои локални власти во преголема ревносност веќе почнале да го применуваат претседателкиот декрет- не чекајќи на донесување на соодветен закон. На радио повремено се слуша за колони камиони со турска стока кои се запрени на руско-турската граница, па дека 39 турски бизнисмени се протерани од краснодарскиот регион бидејќи патните документи наводно не им биле регуларни.

Медиумите блиски до државата како „ Известија“ пишуваат дека сето тоа не е страшно и оти не може ни да се забележи. „Граѓаните на Русија нема ни да почувствуваат дека Турција повеќе не е присутна на рускиот пазар“- го цитира весникот рускиот министер за земјоделство Александар Ткачов, со споменување на алтернативните извозници: Азербејџам, Узбекистан, Мароко и Израел.

Можеби узбекистанското грозје ќе биде послатко, а мароканскиот домат посочен, но тоа нема да го спаси работното место на Максим. „Од другастрана“, филизофира мојот другар фаталистички, „ако 17 насто од руската потрошувачка на пиво, отпадне поради забраната на Ефес, значи ли тоа дека ние Русите ќе пиеме 17 насто помалку пиво? И тоа е нешто. Или пак сега повторно ќе пиеме повеќе вотка?“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема