1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едно „Чао Бела!“ и се заборава на кризата

22 јули 2009

Финансиската криза донесе помалку туристи и во Италија. Сепак Италијанците се оптимисти и веруваат дека со позитивен став ќе ги вратат туристите, на плажите во Италија, особено оние од Европа.

https://p.dw.com/p/IuVn
Регионот Чинкве ТереФотографија: picture alliance / dpa

Како што финансискиот пад продолжува да влијае врз глобалната економија и џебот на потрошувачот, така повеќе луѓе од целиот свет како дестинации за одмор ги одбираат лулашката во градината или локалната плажа. Ваквите одлуки се кобни за и онака загрижувачката состојба во Италија, каде туризмот е индустрија број еден. Потрошувачката во 2009 година е намалена за речиси девет отсто во споредба со претходната година.

Touristen am Strand in Italien
Американците за своите долари добија повеќе од ланиФотографија: AP

Падот на потрошувачката е уште понеповолен и за Сониа Д‘амбра, сопственичка на „гелатериа“ или продавница за сладолед. Нејзиниот бизнис е опаднат за 50 проценти споредено со лани, иако таа мисли дека причина за намалената потрошувачка се временските услови и доцните велигденски одмори. Сониа се обидува да биде оптимист за остатокот од сезоната, иако човек може да ја види како се моли за помош пред статуата на Богородица веднаш до вратата на продавницата. „Се надевам дека семејството со малите деца ќе дојдат да купат сладолед. Тие не мора да купат маици со кратки ракави или некои други сувенири, но може да купат сладолед, пица, мора да се јаде. Стегам палци!“, вели Сониа. Двајца јапонски туристи влегуваат во продавницата и Сониа ги услужува – само еден корнет за нив двајцата. „Секако, тие претходно би купиле два корнета. Но, сега внимаваат на што и колку трошат пари“, објаснува Италијанката.

Американците најбројни меѓу туристите

Американците кои доаѓаат во регионот на Вернаца се‘ уште го минуваат своето време, одејќи по стрмните патеки кои ги поврзуваат тамошните села. Тие често изнајмуваат апартмани за една недела. Но, сопствениците на апартмани велат дека туристите го скратуваат својот престој, особено Европејците, додека Американците остануваат мнозинство. Американците особено го чувствуваат ударот на финансиската криза и слабиот долар. И покрај тоа, оние кои патуваат, како Викори и Даг Бартон од Сиетл, Вашингтон, добиваат нешто повеќе за своите долари, во споредба со минатата година. Цените во хотелите се намалени за една третина. „Изгледаше како супер понуда“, вели Викори.

Italienischer Stapellauf
На плажа во ИталијаФотографија: dpa

Андреа Леонардо, сопственик на пица ресторан, ги намалил цените, но ја држи главата исправено и се труди да не се плаши и покрај вестите за економскиот мрак. „Не сум толку уплашен, мора да чекаме“, вели тој, сечејќи парче пица. „Луѓето цело време зборуваат за криза. Мислам дека кризата е голема, но е поголема во нашата свест“. Тој и останатите велат дека следат едноставна стратегија: насмеј се’, и направи сите да чувствуваат дека вредело да го напуштат домот за да дојдат во регионот Чинкве Тере, дури и за време на финансиска криза.

„Луѓето сакаат да слушнат „О чао, чао бела!“ Звучи како шега, но е вистина“, заклучува Андреа.

Автор: Ненси Гринлиз / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска