1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Една“ или „две држави“ на Блискиот исток?

26 јули 2011

Денеска Советот за безбедност на ОН ќе ја одржи редовната месечна седница за Блискиот исток. На неа може да стане збор и за намерата на Палестинците на есен еднострано да прогласат самостојна држава со помош на ОН.

https://p.dw.com/p/123Lz
Ќе се договорат ли за поделба на „светиот град“?Фотографија: picture alliance / abaca

Пред десетина дена во Ерусалим заедно демонстрираа Палестинции и Израелци. Околу 2.000 лица носеа палестински и израелски знамиња и скандираа на арапски и на хебрејски. Веќе тој факт е доволно необичен, но кога се знае дека тие уште се залагаа за создавање независна палестинска држава, тогаш манифестацијата заслужува уште поголемо внимание.

Израелските политичари, меѓутоа, комплетно ги игнорираа демонстрациите. Тие се чини комплетно ја симнаа од дневен ред идејата за создавање две суверени држави врз основа на границите од 1967 година. Премиерот Бенјамин Нетанјаху неодамна дури изјави дека конфликтот со Палестинците е нерешлив. Не станува збор за спор околу територии, туку за признавањето на израелската држава од страна на Палестинците. Доколку тие не се подготвени на тој чекор, нема да има ни решение за деценискиот спор, рече израелскиот премиер при неодамнешната средба со израелскиот пистаел Етгар Керет во Италија.

Benjamin Netanjahu Premierminister Israel
Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: picture alliance/dpa

Окупирани или „спорни територии“

Заменик-министерот за надворешни работи на Израел, Дени Ајалон, во една пропагандна видео порака појасни дека палестинските подрачја воопшто не се окупирани. „Од кого Израел го освои Западниот брег на реката Јордан? Од Палестинците? Па во 1967 година таму немаше никаква нација, ниту пак држава со име Палестина!“ Според Ајалон присуството на Израел во овие подрачја е резултат на одбрамбената војна што ја водеше против околните арапски држави во ’67-та година и затоа Западниот брег треба да се смета не за окупирано, туку за „спорно подрачје“. Бидејќи Израел се откажал од исторски основаните претензии на Источниот брег од реката Јордан, сега Палестинците треба да покажат подготвеност на компромис, посочува Ајалон во видео пораката.

Палестинците се надеваат на ОН

Ваквото толкување на историјата и на меѓународното право наидува на отфрлање во Рамала. Палестинските автономни власти опстојуваат на идејата да прогласат самостојна држава со граници од војната во 1967 година и сакаат за таа намера да ја придобијат поддршката на ОН. Оваа намера ја потврди уште еднаш претседателот на Палестинците Махмуд Абас во Истанбул. Тој посочи дека за него апсолутен приоритет имаат мировните преговори со Израелците, но доколку тие не можат да се одржат, тогаш Палестинците ќе им се обратат на ОН и од нив ќе го бараат своето право на самостојна држава.

Palästinenser Präsident Mahmud Abbas Rede in Ramallah
Претседателот на Палестинците, Махмуд АбасФотографија: dapd

Ваквиот проект не наидува на поддршка кај сите Палестинци. Некои од нив се сомневаат дека меѓународното признание од ОН, дури и ако се случи, може да им донесе повеќе права. Тоа е само празен политички гест, смета Али Абунимах, палестински публицист и основач на интернет-платформата „Електронска интифада“. Тоа нема да смени ништо во нашата реалност, тврди Абунимах. Поради тоа нема да се повлече ниту еден израелски војник од окупираните подрачја, ниту пак некој од еврејските доселеници. Нема да се смени ништо ни во безизлезната положба на протераните Палестинци.

Ali Abunimah, amerikanisch-palästinensischer Journalist und Publizist
Палестинскиот публицист, Али АбунимахФотографија: privat

Вина и на меѓународната заедница

Публицистот Абунимах смета дека вина за ваквата положба има и меѓуанродната заедница, која до сега не го обврза Израел да го почитува меѓународното право. Ова се однесува посебно на четвртата Женевска конвенција, која изрично забранува окупаторската сила да конфискува земјиште и да населува сопствени граѓани на окупираните подрачја. Со таквата политика Израел фактички ги уништи сите шанси за мировни преговори и за пронаоѓање мирно решение за деценискиот конфликт, посочува Абунимах.

Тој не смета дека концептот на две држави може да донесе мир во регионот. Според него подобар е т.н. „концепт за една држава“, значи за заедничка држава на Израелците и Палестинците, која се наоѓа на сегашната територија од брегот на Средоземното море, па се’ до реката Јордан. Во оваа држава, која фактички постои, треба само да им се гарантираат еднакви права како на Израелците, така и на Палестинците.

Автор: Бетина Маркс / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски