1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет пет години по револуцијата

Фарид Фарид/Ж.А.25 јануари 2016

Примерот на еден лекар покажува дека луѓето во Египет кои имаат поинакво мислење од власта и денес, пет години по првите протести, мора да стравуваат за својата безбедност.

https://p.dw.com/p/1HjIf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во ноември 2011 година и тој, Ахмед Саид, бил во средиштето на Каиро, кога демонстрантите се судрија со војската во една улица покрај плоштадот Тахрир. Во тој судир загинаа 42 луѓе. Ахмед Саид не протестирал против режимот, туку им пружал лекарска помош на бунтовниците, ранети од војниците. Саид, имено, е хирург. Среде улица им помагал на луѓето кои крвареле и подоцна се грижел за нив во импровизираната болница во близина.

Ахмед Саид е Египќанец, исто како и ранетите кои ги згрижувал, но многу години работел на Одделот за васкуларна хирургија на Универзитетската клиника во Франкфурт. И секогаш повторно се враќаше во татковината, што на крајот беше кобно за него. Поради тоа Саид денес е во еден од најозлогласените египетски затвори. Во ноември 2015 година е уапсен заедно со уште четири лица во едно каирско кафуле, неколку часа откако учествувал во мирен протест во спомен на жртвите од ноември 2011 година.

„Дојде во Каиро само поради некои документи, а потоа имаше намера да се врати во Франкфурт и да продолжи да живее таму како и претходно“, ни раскажува неговата сестра Ламиа.

Ahmed Said, der vor einem Monat verhaftet wurde
Ахмед Саид, пред апсењетоФотографија: Free Ahmed Said Campaign, Cairo

Во сигурносен тракт

Но, се чини, Ахмед Саид нема толку брзо да се врати во Германија. Еден египетски суд го осуди на двеипол години затвор, зашто во текот на мирните протести - го блокирал сообраќајот. На крајот на јануари одбраната ќе ја изложи жалбата.

Сестрата на Ахмед, Ламиа, во разговор со Дојче веле раскажува: „Тој беше толку поврзан со Египет, сакаше да шета низ улиците, посебно наутро. Сите потребни работи околу документите можеше да ги организира и од Германија, но дојде во Египет, зашто чувствуваше носталгија.“

Според зборовите на Ламиа, Ахмед Саид во затворот е подложен на мачење и во декември наводно почнал штрајк со глад во знак на протест против затворските услови. Потоа е префрлен во злогласниот сигурносен тракт „Акраб“ („Шкорпион“).

„Не разбираме зошто заврши во место кое обично е резервирано за терористи и најтешки злосторници кои претставуваат закана за земјата“, се чуди Ламиа: „Како е тоа можно? Па тој дојде само на неколку дена во Египет.“

Режимот во паника

Апсењето на Саид се случи во момент кога египетскиот режим започна да спроведува политика на цврста рака, меѓу другото и поради одбележувањето на петтата годишнина од протестите во јануари 2011 година. Уапсени се веќе бројни активисти и администратори на „незгодни“ за режимот Фејсбук страници, а во над 5.000 станови во Каиро е извршена рација.

„Режимот е зафатен од паника“, вели Калед Фахми, професор по историја на елитниот американски универзитет Харвард. Тој моментно е во истражувачки престој во Египет. Режимот е јак, моќен и ги контролира сите подрачја на животот, објаснува тој: „Но, и покрај тоа ги уништува сите опозициски центри и апси безброј млади луѓе и опозиционери, моментно агира целосно бизарно и како вон себе.“ Причина е денешниот 25 јануари. „Овој ден стана симбол за егзистенцијални закани по египетската држава“.

Фахми во 2011 година бил ангажиран од страна на египетското министерство за култура за водење работна група која ќе ја документира револуцијата. Тој вели дека и пред 2011 година постоеле револуционерни стрежеми, кои тогашниот режим ги гушеше. Но, актуелниот режим , тврди харвардскиот професор, постапува со досега невидена острина и во досега невидени форми. Тоа е одговор, вели Фахми, на духот „кој овој режим одамна го прогонува.“

Anhänger der Free Ahmed Said-Kampagne
Активист на движењето за ослободување на Саид во БерлинФотографија: Free Ahmed Said Campaign, Cairo

Газење по човековите права и слободата на медиумите

Откако актуелниот египетски претседател Абдел Фатах ал-Сиси го собори од власт исламистичкиот претседател Мохамед Мурси во 2013 година, Египет тргна по турбулентен политички и економски пат. А на него отворено ги крши човековите права и ја укинува слободата на медиумите.

Една од жртвите на оваа политика е и Ахмед Саид. Елиане, свршеничката на Саед, вели дека отпатувал во Египет поради подготовка на документи за бракот. Таа студира антрополигија на Универзитетот во Берлин. Својот свршеник го запознала пред две години во Франкфурт. Многу и‘ недостасува, раскажува тажно: „Ми недостасува неговото лице, се‘ на него. Се обидувам да се подготвам и на најлошата опција. Надежта е опасна.“

И вниманието на германската политика во меѓувреме е свртено кон случајот на Ахмед Сауд. Претставничката на Зелените, Франциска Брантер, неговата судбина ја тематизираше во Бундестагот. И организацијата за човекови права Амнести интернешнл се зазеде за Саид, а неодамна го објави и писмото кое Саед го пратил од затвор: „Тоа што го направив, го направив за да се чувствувам слободен. И за повторно да ја остварам својата слобода пред да стане само обично сеќавање. Сакав да го одржам последниот зрак на светлината на револуцијата.“