1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтините пари се опивка за Португалија

Јохен Фагет / ЕМФ30 март 2016

Португалија, благодарение на лабавата политика на ЕЦБ, доаѓа полесно до пари. Меѓутоа, тоа има и негативни страни: земјата така може да ги одлага неопходните реформи, или воопшто да не ги спроведува!

https://p.dw.com/p/1ILNi
Фотографија: AFP/Getty Images

Професорот по економија Жоао Сезар дас Невес од Католичкиот универзитет во Португалија воопшто нема добри зборови за Европската централна банка (ЕЦБ): „Нивните мерки не ги решаваат проблемите, тие делуваат како некаков вид анестезија.“ Притоа, ЕЦБ со својата политика на „нула каматна стапка“ сака токму да им помогне на јужноевропските проблематични држави како што е неговата: со помош на евтини кредити би требало итно да се впумпаат неопходните пари во лошата економија, треба да се поттикне порастот и потрошувачката. Само што тоа не функционира, нагласува професорот. И, затоа сега сите се лути на ЕЦБ - како богатите земји од северот, така и сиромашните држави од југот.“

Притоа, Португалија всушност би требало да ги има сите причини за радост. Откако ЕЦБ бесплатно ги дели своите милиони, каматите за португалските државни обврзници се повторно многу намалени. Ризичните хартии на краток рок ја чинат земјата помалку од два процента, а на долг рок само нешто повеќе од три проценти. Тоа го намалува товарот од долговите, создава простор за игра во напрегнатиот буџет. А, приливот на пари треба да придонесе и за инвестиции, за долго очекуваниот економски пораст. „Но, парите не доаѓаат онаму каде што би требало“, заклучува Сезар дес Невес.

Нема нови инвестиции

„Листата на банки кои сакаат да ми позајмат пари е долга“, објаснува Виктор Оливеира. Само што нему тоа не му е потребно. Неговото претпријатие „Вангест“ успешно произведува алати и машини за цел свет, може да се финансира самото себеси. На португалските банки, меѓутоа, порано „в песок“ им пропаѓаа толку многу пари, што сега даваат кредити само на многу сигурни претпријатија. Новите фирми трпат. И натаму нема инвестиции за проширување на претпријатијата или за основање нови фирми кои би можеле да донесат пораст. Средните претпријатија кои би сакале да „тежат“ повеќе, не добиваат ништо. Евтините пари лежат во банките.

Porträt - Professor Joao Cesar
Проф. Жоао Сезар дас НевесФотографија: DW/J. Faget

Затоа пак, на друга страна, се зголемуваат првите шпекулативни меури. Недвижностите, пред сѐ во главниот град Лисабон, повторно достигнуваат фантастично високи цени. Се множат и потрошувачките кредити. Евтините пари на ЕЦБ доведуваат до веќе познатото ново задолжување и даваат лош знак, предупредува економскиот експерт Сезар дес Невес.

Рака на срце, државното задолжување се отежнува преку различни контролни механизми на ЕУ, но никој не гарантира дека досетливите градоначалници не основале градски фирми, кои потоа се снабдуваат со евтини пари. Тоа еднаш веќе доведе до огромно државно задолжување.

Погрешен знак на ЕЦБ

Политиката на ЕЦБ пред сѐ мами да се падне во старата шема на однесување, стравува Сезар дес Невес. Но, пред сѐ се намалува притисокот за спроведување на итно неопходните реформи. Државата поради ниските камати има помалку грижи по прашањето на долговите, па така се намалува и расположението на политичарите за непопуларни промени. И од страна на ЕУ итно бараната државна реформа сѐ уште ја нема. ЕЦБ ги држи португалските банки во живот - тие без евтините пари одамна би банкротирале. „Сигурно е дека сѐ би било уште полошо ако ЕЦБ не го преземеше тој чекор, но таа само го одложи за подоцна нашите структурни проблеми, а не ги реши.“

Значи, и натаму се турка како досега. Барем португалскиот среден слој, мал, без заштеди и досега длабоко осиромашен од кризата, сега сигурно се радува на паричниот благослов на ЕЦБ. Од банките пари земаат пред сѐ службениците и другите лица во служба на државата, луѓето со редовни плати. Тие во супермаркетите повторно купуваат производи со скапи брендови.

И, повторно своите пари ги трошат за скапи автомобили, за прескапи станови кои често и не им се потребни, како и за наредниот летен одмор. Наместо во економски пораст, се инвестира во шпекулативни објекти и потрошувачка, вели професорот по економија Сезар дес Невес. Така, новата криза во Португалија веќе се наѕира. Меѓу другото, така е и поради политиката на „нула каматна стапка“ на ЕЦБ.