1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтината нафта - проклетство за браншата

Дагмар Циндел/Ж.А.2 март 2016

Ниската цена на нафтата е позитивна за потрошувачите. Но, за нафтената бранша таа значи намалени инвестиции, отпуштање работници и банкрот. Загрозени од банкрот се и државите чиј буџет зависи од зделките со нафта.

https://p.dw.com/p/1I5Mv
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Utomi Ekpei

Последиците на ниските цени на нафтата се многубројни. Во САД експлоатацијата на нафта е намалена поради ниски цени. Фирмите, првенствено во областа на фрекингот, се пред банкрот. Двата водечки производители, моментно Русија и Саудиска Арабија, размислуваат да не го зголемуваат производството, за да ја стабилизираат цената.

Гигантите во нафтениот бизнис се расеани низ цел свет. Најмногу нафта моментно се црпи во Русија, 10,8 милиони барели дневно. Следи Саудиска Арабија со 10 милиони барели. САД се симнаа на трето место со 9,4 милиони барели. На извесно растојание ма четврто место доаѓа Кина со 4,2 милиони барели дневно.

Огромната понуда на нафта предизвикува пад на цените. Тоа ги погодува првенствено државите кај кои постои висока цена на експлоатацијата.

Овде погледнете го видеото

„Нафтени“ главоболки

Експлоатацијата чини малку на пример во Саудиска Арабија - 25 долари за барел, односно за 159 литри. Во Русија чини 45 долари, а во САД силно варира поради т.н. фрекинг. Методата за црпење нафта е посебно скапа во Канада.

Поради сегашната ниска цена на нафтата бизнисот веќе не се исплаќа, па помалку се инвестира во нови наоѓалишта. Во целиот свет во браншата се укинати веќе десетици илјади работни места. А државите чиј буџет зависи од нафтата, имаат масивни проблеми.

Цената од 30 долари за барел нафта, колку што изнесува последните месеци, има негативен ефект дури и во Норвешка. На земјата и одговара 48 долари по барел за да постигне избалансиран државен буџет. На Саудиска Арабија и одговараат 100 долари по барел поради големата зависност од нафтата, исто како и на Русија. Но, најтешко погодена е Венецуела, на која и одговара цена од 118 долари. При цена на нафтата од 30 долари, со приходите Венецуела може да финансира само една четвртина од буџетот.

За Венецуела ова е катастрофа. Поради долготрајните ниски цени на нафтата, државата е пред банкрот.