1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европско-турски спор околу визите

Том Стивенсон/Ж.А.20 мај 2016

Да се патува полесно во ЕУ- на Турците наскоро би можел да им се оствари овој сон. Но, по оставката на премиерот Давутоглу, догoворот за визната либерализација може и да пропадне.

https://p.dw.com/p/1Iqyv
Фотографија: picture-alliance/epa/J. Warnand

За турскиот премиер Ахмет Давутоглу и неговиот преговарачки тим 4. мај беше ден за славење. Европскиот совет на земјите - членки им предложи на турските граѓани да им овозможат патување без визи во Шенгенскиот простор. Илјадници граѓани на оваа евроазиска земја се веселеа поради изгледите за полесно работење или полесно одење на одмор.

Но, радоста беше со краток век. Зашто, уште следниот ден дојде до ескалација во односите меѓу Ахмет Давутоглу и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Давутоглу уште истата вечер поднесе оставка.

Оттогаш некои работи се променија. Ердоган најави дека Турција нема да ги реформира своите антитерористички закони. Така го одби еден од првите предуслови на Европскиот совет. На 10. мај Европскиот парламент најави запирање на работата врз договорот за визни олеснувања. Турскиот министер за европски прашања Волкан Бозкир изјави дека „загубил надеж“ воопшто да дојде до спогодба. Ваков впечаток делат многубројни граѓани на улиците во Истанбул.

„Стравувам дека во овој момент воопшто нема да дојде до договор“, вели аптекарот Берин Ердин. „И се надевам дека тоа не е дел од спогодбата со ЕУ за бегалците. Никако не би смеело да се случи бегалците да бидат средство на преговарачката маса. Тоа е нечовечки“, вели Ердин. „Тој (Ердоган, н.з.) работи само за себе, него не го интересираат визите, него го интересира само никој да не дојде до толкава власт за да може да му застане на патот.“

Flüchtlinge Grenzgebiet Türkei Syrien
Бегалците - дел од дилот ЕУ-ТурцијаФотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Крај на дилот?

Оставката на Давутоглу се чини е навестување за крај на спогодбата за визни oлеснувања, која на Турците би им овозможила слободно патување во Европа. Националистичкиот бран доаѓа од владејачката Партија за правда и развој, АКП. Договорот за визна либерализација порано беше планиран како дел од опширниот договор меѓу Турција и ЕУ. Со него се овозможуваше ЕУ да ги враќа во Турција бегалците кои преку Егејско Море доаѓаат во Грција. Така Турција би била чувар на вратата на масовно доселување во Европа.

Бурхан Кузу, еден од главните советници на Ердоган, упати закани во случај Европа да не понуди визни олеснувања - тогаш Турција „ќе ги испрати бегалците во ЕУ“. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу е еден од најголемите критичари на европските барања за реформа на антитерористичките закони. „Нам да ни се истакнува неопходноста од реформирање на антитерористичките закони во време кога се бориме против ПКК и Исламска држава, граничи со подршка на тероризмот“, рече тој на почетокот на неделата во Виена, на состанокот со турски стопанственици. „Никогаш нема да попуштиме пред вакви барања.“

И весниците блиски до владата го сменија ставот во однос на договорот за визна либерализација. „Оние кои потфрлија во хуманитарноста, се обидуваат да создадат слаби точки во борбата на Турција со закани чија цел е уривање на интегритетот на нашата земја“, пишува Ибрахим Караѓул од весникот „Јени Сафак“, близок до АКП.

Symbolbild Aufhebung Visumspflicht für türkische Staatsbürger
Турските граѓани одамна се надеваат за визни олеснувањаФотографија: picture-alliance/dpa

Стравување од бран баратели азил од Турција

„Важно е во Турција да се сфати поимот тероризам, зашто сегашната дефиниција е преширока“, вели Озан Саркар, директор на Дискертис Капитал Адвајзорс, приватна фирма која во Турција соработува со меѓународни инвеститори. „Проблем е што некој окарактеризиран како терорист, во ЕУ може слободно да поднесе барање за азил. ЕУ аргументира дека Турција мора да се држи до своите правила, делумно поради страв од турски азилантски бран“, објаснува Саркар.

По воениот пуч во 1980. година, илјадници политички бегалци од Турција бараа азил во Европа, каде многумина живеат сѐ уште до денес. Саркар упатува исто така на времето пред пучот, кога на Турците за најголем број земји не им требаа визи. По пучот дојде до промени.

Но, откако во 1995. година Турција пристапи кон царинската унија со ЕУ, турската влада секогаш одново се обидуваше да издејствува олабавување на ограничувањата. „Разбирливо е што визните олеснувања се важна политичка цел за секој турски политичар, без оглед кој е на власт. Ердоган постојано ги нагласуваше преговорите и тогаш дојде Давутоглу и се најде во центарот на вниманието“, вели Саркар. „Ердоган ги прошири овластувањата на својата позиција значително над оние кои историски и‘ припаѓаат“, додава Саркар. „Тој е прв директно избран претседател на земјата. Меѓутоа, тој придонесе за оставка на премиерот кој беше избран во ноември. А тоа е неочекувано ширење на неговата моќ.“