1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европско првенство на спротивности

Јоша Вебер/ превод: СН10 јуни 2016

Никогаш досега еден фудбалски настан не бил обременет со страв како ова Европско првенство во Франција. Но и покрај терористичката закана, ЕУРО 2016 има шанса за хепи-енд, смета Јоша Вебер.

https://p.dw.com/p/1J4Ba
Фотографија: Getty Images/S. Botterill

8600 жители, 102 породувања годишно, четири училишта, три пензионерски дома, една жичарница - животот во Евиан ле Бан е прилично мирен. Кој ќе го посети убавото место на јужниот брег на Женевското езеро, ќе биде поздравен од впечатлива кулиса: тиркизно сина езерска вода, многу зеленило, монденски хотели, и Алпите во заднина. Повеќе идила речиси и не е можна. Повеќе периферија, меѓутоа, истот ака. Париз и тамошниот сеприсутен страв деновиве, изгледа како да е многу подалеку од оние 600 километри раздалеченост меѓу Евиен и француската метропола. Во француската провинција светот сѐ уште е во ред, така барем изгледа.

Фудбалски фестивал, кој допрва мора да биде тоа

Токму таму, во Евиен, се смести германската фудбалска репрезентација. Иако менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф всушност сакаше светските прваци да ги смести во блескавиот и постојано раздвижен главен град на Франција, сепак селекторот Јоахим Лев бараше нешто целосно спротивно на тоа: мир во провинцијата. Можеби како сеќавање на подзаспаното место Санто Андре каде беше сместен подготвителниот камп на Германците во Бразил, а можеби и за да се биде што понастрана од ужасните сеќавања на оној 13 ноември 2015 година. Атентатите во Париз, кои беа наменети и за германската репрезентација и ги принудија репрезентативците да минат тескобна ноќ во стадионот „Стад де Франс“, се надвиваат како сенка врз многу споменуваниот фудбалски фестивал, кој всушност допрва мора да стане тоа.

Ова Европско првенство ќе биде поинакво. Реченица која деновиве често може да се прочита. Меѓутоа фразата е вистинита: никогаш претходно еден фудбалски мега-настан не бил толку под знакот на стравот. Тајните служби предупредуваат од напади, репрезентациите се под строг надзор. Многу навивачи, тренери, фудбалери одамна не говорат само за фудбалот - тие дускитираат каде е безбедно, а каде можеби не е. Ќе остане ли сѐ мирно? Дали Франција навистина се погрижила за безбедноста? Земјата дава сѐ од себе, но никој не може да гарантира.

Weber Joscha Kommentarbild App
Јоша Вебер

Без емоции фудбалот е ништо

За такво нешто заканата е премногу дифузна, премногу произволна, премалку опиплива. Тоа е најперфидното оружје на тероризмот. Тоа го пронаоѓа патот до нашите глави, ги менува мислите и емоциите. Притоа, токму емоциите се тие кои едно Европско фудбалско првенство го претвораат во магичен настан. Без грижите, надежите, навивањето, славењето, плачењето, нервозата и триумфот - фубалот е ништо. Некои навивачи ги поддржуваат своите тимови како и на последните турнири, други пак се воздржани, или дури и избегнуваат големи собири. Еуфоријата се судира со стравот. Ова е Европско првенство на спротивности.

Впрочем и на спортски план. Никогаш толку многу „мали“ не се сретнале со толку многу „големи“. Никогаш јазот меѓу аутсајдерите како Албанија, Северна Ирска или Унгарија и фаворитите како Германија, Франција или Шпанија не бил толку голем. Никогаш немало истовремено толку многу ѕвезди и толку многу непознати фудбалери на едно ЕП. Во оваа приказна станува збор за храбри аутсајдери, разнишани џинови, големи изненадувања и сјајни херои, имено за чисто спортски спротивности. Веројатно токму во сето ова лежи шансата за среќен крај: ако постои нешто што барем за момент ни прави да ги заборавиме сите грижи, тогаш тоа е најубавата споредна работа во светот.