1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски монетарен фонд - да или не?

9 март 2010

ЕК ја поддржува идејата за формирање монетарен фонд за државите од еврозоната, по примерот на ММФ. Еден ваков фонд би требал да придонесе проблемите навремено да се откриваат и да се спречат кризи слични на грчката.

https://p.dw.com/p/MNlN
Фотографија: picture-alliance

Минатото лето ситуацијата беше поинаква. Тогашниот еврокомесар за монетарна политика Хоакин Алмуниа гласно размислуваше да ги обедини интересите на евроземјите, кои заедно би настапувале пред Меѓународениот монетарен фонд. „Најдобро би ги застапувале нашите интереси како економска и монетарна унија на ниво на ММФ, доколку би имале едно место за сите земји кои го користат еврото.“

Но, со оваа идеја Алмуниа наиде на огорчен отпор кај некои земји членки. Тогашниот германски министер за финансии Пеер Штајнбрик, на пример, нагласи дека Германија, која е трета земја по големината на придонесите, мора да има соодветна тежина и во ММФ.

Предлогот на Шојбле наиде на позитивно ехо во ЕК

Со грчката финансиска криза, Германија повторно би можела да биде доведена во ситуација да треба да ги финансира туѓите грешки. Наследникот на Штајнбрик, Волфганг Шојбле оди по друг пат. Тој се залага за создавање еден вид Европски монетарен фонд. Амадеу Алтафај, портпарол на еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен, во основа изрази согласнот со предлогот на Шојбле: „Комисијата е подготвена да предложи ваков инструмент за европска поддршка. Тој би морало да биде одобрен од сите земји на еврото. Се разбира дека мора да биде врзан и за ригорозни услови. Случај како Грција не би требало да се повтори.“

Symbolbild Finanzhilfe Finanzpaket Griechenland
Фотографија: DW-Montage/bilderbox.de

Алтафај не изнесе повеќе детали за предлогот. Премногу е рано да се каже дали ваквиот фонд би бил само финансиски инструмент или пак цела нова институција на ЕУ, со сопствен буџет и персонал.

Зошто би и’ бил потребен таков фонд на Европа?

ММФ им помогна и на други европски земји како Летонија или Унгарија, кои не се во еврозоната. Сака ли ЕУ со најновиот предлог да спречи Американците, кои го диктираат тонот во ММФ, да имаат преголемо влијание врз европската финансиска политика? Или ЕУ е премногу горда за да побара помош? Алтафај ги отфрла сомнежите „Ние го вклучивме ММФ во разговорите со грчките власти. ММФ даде корисен придонес. Тој поседува големи стручни познавања во оваа област. Оттука не станува збор за конкуренција или гордост. Станува збор за тоа да се погрижиме за ефикасност. Се покажаа слабости кои досега не можевме да ги отстраниме. Сега сакаме да ја искористиме можноста, ништо повеќе и ништо помалку.“

Rehn / Griechenland / EU
Оли Рен, ЕУ комесар за монетарна политикаФотографија: AP

Дури и ако се создаде, Европскиот монетарен фонд би дошол предоцна за Атина. Но, има и други европски земји кои стојат на работ на криза. Алтафај нагласи дека до крајот на шпанското претседателство Комисијата ќе поднесе поконкретен предлог.

Автор: Кристоф Хазелбах / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска