1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски избори: Меркел ги повика Германците да гласаат

7 јуни 2009

На последниот ден од гласањето, граѓаните на Германија, Франција и 17 други држави од ЕУ треба да ги изберат своите претставници за Европскиот парламент. Германската канцеларка Ангела Меркел повика масовно да се гласа.

https://p.dw.com/p/I4sT
Фотографија: AP

Денеска избирачките места се отворени и за Германците, околу 64 милиони граѓани со право на глас треба да изберат 99 свои пратеници во Европскиот парламент.

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика граѓаните да гласаат:

„Европа ни треба поради регулирањето на меѓународните финансиски пазари. Европа ни треба и поради заштитата на климата,“ рече Меркел.

Христијанско-демократската унија очекува загуби

За Христијанско демократската унија на канцеларката Ангела Меркел, големиот победник од претходните избори во 2004 година, веќе сега е јасно, тогашниот резултат веројатно нема да се повтори. „Пред пет години имавме невообичаена ситуација“, изјави канцеларката за весникот „Билд ам Зонтаг“. На изборите во 2004 година за Европскиот парламент Христијанско демократската и Христијанско социјалната унија на Германија освоија заедно 44,5 проценти од гласовите. За социјаледмократите напротив изборите беа вистинска катастрофа- 21 процент, најлош резултат воопшто.

Deutschland Finanzkrise Rettungspaket Angela Merkel im Bundestag
Ангела МеркелФотографија: AP

Меркел потсетува дека тогаш владата на Герхард Шредер беше мета на критики поради реформата за пазарот на труд и затоа постигна „невообичаено лош резултат“. Од слабоста на СПД тогаш профитираа партиите на Унијата.

Социјалдемократите апелираат на поголема излезеност

Социјалдемократите сега во трката влегуваат со повеќе оптимизам. Нивниот шеф Франц Минтеферинг на последниот предизборен собир во Хановер ја побара помошта од гласачите за СПД да може посилно да биде застапена во ЕП и да им застане на пат на негативните појави, како сивата економија. Минтеферинг апелираше излезеноста на гласањето да биде што поголема.

Franz Muentefering
Франц МинтеферингФотографија: AP

Европскиот парламент инаку треба да брои 736 пратеници. Право на глас за негов избор имаат вкупно 375 милиони граѓани од ЕУ. Официјалните резултати во целата ЕУ ќе бидат објавени денеска доцна попладнето, по затворањето на избирачките места.



ЖА/ап/дпа/ројтерс/дв