1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската унија не сака да посредува околу Каталонија

Бернд Ригерт
5 октомври 2017

Европската комисија официјално нема да заземе став за референдумот за независност во Каталонија. Пратеници од Европскиот парламент бараат посредување.

https://p.dw.com/p/2lFbq
Katalonien Europa Parlament
Фотографија: Reuters/Reuters TV

Неколкумина каталонски политичари, но не и каталонската влада, како и пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент бараат од Европската Комисија во Брисел да посредува во спорот меѓу Мадрид и Барселона. Самата ЕУ не зазема страна по ова прашање. „Се работи за државното уредување во земјата членка Шпанија, во што ЕУ не се меша“, изјавија повеќепати во изминатата недела портпароли на ЕУ. Покрај ваквото правно поимање на нештата, важи и принципот дека „насилството никогаш не може да биде средство за политички препукувања“, изјави портпаролот на ЕУ, Маргаритис Шинас. „Двете страни сега би требало од конфронтација да преминат на дијалог“. ЕК има доверба во способностите на шпанскиот премиер Маријано Рахој да ја менаџира ситуацијата. Гласањето во неделата ЕК го смета за противправно.

Belgien Brüssel Frans Timmermans
Франс ТимермансФотографија: Imago/ZUMA Press/W. Dabkowski

Зелените во Европскиот парламент сметаат дека правниот поредок во Шпанија е загрозен и од ресорниот еврокомесар Франс Тимерманс бараат да посредува меѓу централните власти во Мадрид и каталонското движење за независност. Но, ЕУ не може да посредува против волјата на членката Шпанија, чиишто судови го прогласија референдумот за ништовен. Посредник би требало да биде повикан од двете страни, велат дипломати од бриселските кругови. Правно погледнато, секоја членка си е самата одговорна за внатрешната државна организација.

Државата „Каталонија“ би ја напуштила ЕУ

Според видувањето на ЕУ, гласањето за независност во Шкотска во 2014-та се одржало во сосема различни околности, бидејќи централните власти во Лондон биле согласни со одржувањето. Европската Комисија пред референдумот во Каталонија уште еднаш појасни дека независна држава Каталонија веќе не би ѝ припаѓала на ЕУ и би морала да конкурира за членство во ЕУ. Процесот ќе важел и за Шкотска, во случај Шкотланѓаните да изгласаа независност.

Џо Лајнен од СПД побара од шпанскиот премиер Маријано Рахој и од каталонскиот лидер Карлес Пиџдемон „по хаотичното гласање најбрзо што е можно да се вратат на преговарачката маса“. Лајнен, кој е дел од Уставната комисија на Европскиот Парламент, во Брисел изјави дека „политичките кризи во земја членка на ЕУ секогаш имаат и европска димензија и дека ги тангираат и сите останати“. Европската Комисија, според него, треба да понуди помош и да настапи како неутрална страна.

Европските парламентарци бараат посредување

Двете големи пратенички групи во Европскиот Парламент, Конзервативците и Социјалистите, до сега беа против тоа темата Каталонија да се стави на дневен ред. Во двете групи шпанските пратеници ги одбиле таквите предлози на помалата пратеничка група на Зелените. Лидерот на пратеничката група на Либералите во Европскиот Парламент, Ги Ферхофстат, не би сакал да се меша во внатрешнополитичките работи на Шпанија, но од Брисел го осуди насилството од двете страни како „потполно неприфатливо“. Според Ферхофстат, крајно време е за деескалација: „Само политичко решение во кое би биле вклучени сите партии, како и опозицијата во каталонскиот парламент, ќе нѐ однесе напред со почитување на Уставот и правниот поредок.“

Guy Verhofstadt Kommentatorenbild für App
Ги ФерхофстатФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert

Ако каталонската влада прогласи независност во согласност со за неа важечки прогласениот референдум, мошне е неверојатно дека некоја земја членка на ЕУ ќе ја признае независноста. Тоа би било директен напад врз членката Шпанија, што би довело до криза во ЕУ. Затоа, на многумина дипломати во Брисел им паѓа тешко да си го замислат тоа сценарио.

Уште во 2014-та каталонската влада спроведе истражување на јавното мислење по пршањето за независност. Тогашната молба за поддршка од други европски држави од ЕУ не наиде на одзив. И тогаш централните власти под водство на премиерот Рахој аргументираа дека државната унитарност на Шпанија е недопирлива.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија