Европол: ИД планира нови напади во ЕУ
2 декември 2016Терористичката милиција Исламска држава (ИД), според информациите на Европол, планира нови терористички напади во Европа во блиска иднина. Поради загубите на ИД во Сирија и Ирак, се зголемува опасноста од нови напади во Западна Европа, предупредува европскиот антитерористички центар на Европол во извештај објавен денеска во Ден Хаг.
Според проценките на тајните служби, во Европа можеби веќе се наоѓаат десетици ИД-терористи. Тоа се најчесто странски борци кои поради загубите на ИД во Сирија и Ирак се враќаат назад во Европа, но ризична група се и сириските бегалци. Експертите наведуваат дека екстремистите се обидуваат да ги придобијат и радикализираат бегалците. Веројатно борци на ИД се инфилтрирани во бегалските домови, оценува Европол.
Во анализата на европските полициски власти се вели дека од аспект на ИД нападите во Белгија и Франција во 2015 и 2016 година биле „успешни“. „Во блиска иднина во ЕУ веројатно ќе се случат нови напади, како од поединци, така и од групи“, оценува Европол.
Експертите претпоставуваат дека ИД веќе развила нови тактики за напади и дека најверојатно најмногу е загрозена Франција. Но, можни цели се и Германија, Белгија, Холандија и Велика Британија.