1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европарламентарците ја чекаат Македонија во ЕУ

26 ноември 2009

Со големо мнозинство ЕП ја усвои резолуцијата за проширување на ЕУ, барајќи од Советот на ЕУ да делува во согласност со препораките на Комисијата, односно да отпочнат преговори за членство на Македонија во ЕУ.

https://p.dw.com/p/Kh2s
Фотографија: AP

Со 331 гласови „за“, 291 „против“ и 7 „воздржани“, европратениците го изменија делот на резолуцијата за стратегијата за проширување на ЕУ, посветен на Македонија. Со амандманот кој беше поднесен од групата на Народните партии беше направена блага измена на текстот, поповолна за Македонија. Во документот се поздравува напредокот што е постигнат во последните месеци, што е потврдено и од Европската комисија, која препорача отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Европратениците со виско подигната рака во усвоената резолуција, го повикаа Советот на ЕУ за време на декемврискиот самит да делува во согласност со препораката на Комисијата, која предвидува преговорите со Македонија да започнат наскоро, со надеж дека ќе бидат изнајдени задоволувачки решенија за сите страни, за прашањата кои се’ уште не се решени со соседните земји.

Mazedonien EU Fahnen
Фотографија: AP

Европарламентот потсетува на важноста на добрососедските односи и ја повикува македонската влада да биде чувствителна на прашањата кои се однесуваат на соседите. Во првата верзија се велеше, да се воздржи од потези и изјави кои што негативно можат да се одразат врз добрососедските односи. Тука посебно е истакнат спорот со името меѓу Македонија и Грција. Европарламентот ги повика владите на двете земји да ги зголемат напорите за да се постигне решение за името.

Европратениците како позитивен придонес за регионалната стабилност го оценија неодамнешното воспоставување на дипломатски односи меѓу Македонија и Косово, како и склучувањето на договорот за физичка демаркација на границата.

Во резолуцијата, покрај другото се повикуваат македонските власти да продолжат со реформските процеси. Особено во јавната администрација и правосудството, борбата против корупцијата, женските права и меѓуетничките односи вклучувајќи гаранции за правата на припадниците на сите етнички заедници и зголемување на нивното учество во јавната администрација.

Потребни се услови за трајно решение

Во Европскиот парламент никој не се осмелува да дава предвидување дали на декемврискиот самит ќе биде следена препораката на Европската комисија, за да биде утврден датумот за преговори. „Нема да кажам ни дека сум оптимист, ниту песимист, како Гркинка, која ја познава историјата на проблемот на двете земји. Би му советувала на Советот да му остави на решението шанса,“ вели Ани Подимата грчка европратеничка од редовите на ПАСОК. Според неа важно е да се создадат услови за трајно решение: „Дали тоа ќе биде до 10 декември или до идната пролет, тоа нема никаква разлика“.

Abgeordnete im Europaparlament in Straßburg
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Македонија, Јорго Шацирмакакис предупредува да не се очекува многу од кратката средба на двата премиери, иако се надева дека Папандреу и Груевски можат да го решат проблемот со името.

„Затоа е потребно да се подготви јавноста и сите, дека ако не биде донесена одлука во декември, одлуката дефинитивно ќе биде донесена на самитот во март.“ Тврдењата на Шацирмакакис се по неговите средби со високи претставници на двете земји, кои покажале подготвеност да го решат проблемот ако не во декември, тогаш до март. Оттука неговата изјава дека е најдено името за Македонија, а проблеми создава само опсегот на користењето на ова име.

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин од негова страна е јасен:

„Ако во петок го дочекаме она што сите очекуваме, мислам дека тоа би била фантастична вест за сите држави од Западен Балкан, и не само за Македонија. Тоа би бил јасен знак, кој би можел да ја ослободи огромната позитивна енергија, која овие години се има насобрано во Македонија, за да може побрзо и поквалитено да го одработи патот за членство во ЕУ.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска