1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ќе ја спаси само скок нанапред

Бартош Вјелински
17 март 2018

Разградбата на ЕУ зема замав, некои решение гледаат во Европа со повеќе брзини. Погрешно, пишува во колумна за ДВ Бартош Вјелински, уредник во Газета виборча. Решението е во повеќе Европа, клучна улога има Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/2uSMF
Bartosz T. Wielinski
Фотографија: Franciszek Mazur/Agencja Gazeta

Во ноември 2011. година Радослав Сикорски, во тоа време шеф на полската дипломатија, изрече нешто на што сите ги начулија ушите. Во познатиот берлински говор тој рече дека во европската политика има поголем страв од германска неактивност отколку од германски притисок. Седум години подоцна, среде борбата за преживување на обединета Европа, зборовите на Сикорски добиваат уште поголемо значење.

Верувам дека одржувањето на европското единство и јакнењето на ЕУ треба да биде меѓу најважните задачи на четвртиот кабинет на Ангела Меркел. Германското колебање, ако продолжи, може да има само негативни последици.

Националистичката влада во Полска секако не би се согласила со оваа оценка. Мојата земја со крупни чекори се оддалечува од Европа од кога на власт е партијата Право и правда. На дело е консеквентен процес на подривање на независноста на правосудството, слободата на печатот, граѓанските права. Таква влада нема интерес за јакнење на Европа и ќе направи сѐ за да го спречи тоа јакнење.

Целта на национал-конзервативците е ЕУ да биде редуцирана само на заедница на суверени држави. Улогата на европските институции, според нив, би требало да се намали, да биде толку мала за Брисел во иднина да не може да се занимава со повредите на принципите на правната држава во членките на ЕУ. Накратко, „не пикајте го носот во нашиот двор!“

Полска не е единствената во која се протежира ваква претстава за Европа. Унгарскиот моќник Виктор Орбан го дели истиот став. Политичари во Романија и Бугарија, повеќепати опоменувани од Брисел поради корупција и повреди на владеењето на правото, би сакале да се ослободат од надзорот на ЕУ. Нема сомнеж дека Чешка е следната земја која ќе ѝ сврти грб на Европа, тоа се гледа од изјавите на претседателот Милош Земан, кој би сакал медиумите да ги стави под капата на државата по углед на Полска.

Polen Parlament Radoslaw Sikorski
Големи зборови на Радослав СикорскиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kulczynski

Повампирување на старата поделба

Кога Сикорски есента 2011. година на Германците им префрли за седење со скрстени раце, во прашање беше провокативен начин за Берлин да се охрабри на поголем ангажман во Европа. Таа изјава во тоа време имаше важност, зашто релевантен политичар од земја која прострада од Германците во текот на Втората светска војна покажа дека источниот сосед веќе не се плаши од Германија и Германците. Зборовите на Сикорски со право беа сфатени како доказ за конечно преовладување на поделбата на Исток и Запад.  

Сепак, популизмот на национален погон во истокот на Европа значи дека старата поделба се повампирила. Еден дел од континентот, на чело со Полска, со својата политика претставува сѐ поостар  контраст кон европските вредности. Кон тоа се приклучува подгревањето на старата теза на западот во Европа дека приемот на Полска, Унгарија или Бугарија бил лоша или барем пребрзана одлука.  

	Deutschland Bundestag Angela Merkel
Ангела Меркел пред одлучувачки задачиФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

ЕУ мора да повлече рачна кочница

Дел од предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на ЕУ може да биде сфатен како обид за создавање елитен клуб внатре во Унијата. Надвор од него би останале, да речеме, сите оние кои не го воведоа еврото како валута.  

Популизмите цветаат зашто Европа е премногу слаба. Таа не беше во состојба да излезе на крај со мигрантската криза или да наметне респект за европските вредности во источните членки. Единствено решение е Европа видно да зајакне. Тој потфат не може да успее без учество на Германците. 

Ангела Меркел не смее да допушти јазот да се продлабочи. Сега е потребна дипломатска умешност од канцеларката за западните соседи да  се убедат дека на Европа ѝ требаат двете белодробни крила, дека заедницата би билоа послаба без, да речеме, Полска.

Но, на Варшава мора конечно јасно и јавно да ѝ се каже дека разградбата на демократијата само ѝ штети на земјата. Ако Варшава остане на полуавторитарниот стил, канцеларката мора да најде храброст тоа да го заузда. ЕУ мора да повлече рачна кочница. Толерирањето на полскиот презир кон консензусите на заедницата веќе сега ѝ наштетува на целата заедница. Ако Полска тоа не го сфаќа, ќе мора да трпи последици.

Застранувањето на Полска од демократската патека ни оддалеку не е единствениот проблем на Европа. По шокантното гласање за Брегзит, се чини како единствениот спас да е скок нанапред. Европската интеграција мора да се продлабочи. Ангела Меркел во својот последен мандат мора да се зафати со оваа тема.

Парадоксално, условите не се толку лоши. Притисокот врз Европа расте од сите страни, Доналд Трамп ни се заканува со царинска војна, Владимир Путин со ракети и тенкови, кон сето се придружува и Реџеп Таип Ердоган. Токму под ваков притисок може да настане нешто добро - под услов Ангела Меркел да најде храброст. Како што рече Сикорски, треба да се плашиме од германска неактивност. 

Бартош Т. Вјелински е новинар од Варшава, уредник на надворешно-политичката рубрика во Газета виборча, најзначајниот весник во Полска.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид