1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европа не смее да се распадне поради бегалците“

ЖА / агенции
23 јуни 2018

Пред самитот на ЕУ, претседателот на ЕП, Антонио Тајани ги предупреди членките да не водат егоистична миграциска политика. Можни се прифатни бегалски центри на Балкан, во Албанија или Македонија, вели тој.

https://p.dw.com/p/308GZ
Griechenland Flüchtlingscamp Moria Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Зборови со голема тежина од претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани во пресрет на самитот на ЕУ кој ќе се одржи следната недела: „Пристапот кон прашањето на доселениците не смее да води кон уништување на ЕУ“, изјави тој во денешно интервју за медиумите од групата Функе. „Ако секоја земја-членка се раководи само од својот сопствен интерес, ќе дојде до распад на Унијата“, истакнува тој. Притоа, тој ги потсетува закараните коалициски партнери во германската влада дека миграцијата не е „чисто германски проблем“, дека под силен притисок се и Италија и Грција: „Сега не смее да се оди во национални решенија, потребна ни е заедничка европска стратегија“.

Österreich Antonio Tajani, Präsident Europäisches Parlament in Wien
Антонио Тајани - европска стратегија наместо национални решенијаФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/A. Kiyagan

Самитот на ЕУ е закажан за 28. и 29. јуни. Германската Христијанско социјална унија планира непосредно по него да го дефинира своето натамошно постапување во однос на бегалската политика во спорот со канцеларката Ангела Меркел, кој се заканува да ја „торпедира“ германската влада. ЦСУ на канцеларката ѝ даде рок до самитот да постигне европско решение за барателите на азил, во спротивно министерот за внатрешни работи од оваа партија, Хорст Зехофер, е спремен да започне со враќање од германските граници на азилантите кои претходно се регистрирани во друга членка на ЕУ. За утре претседателот на Европската комисија, Жан- Клод Јункер упати покана за одржување еден вид предсамит, неформална работна средба во Брисел, на која ќе учествуваат 16 ЕУ-држави.
Повеќе:

Албанија отвора бегалски камп во замена за ЕУ-датум?

Бегалски центри „пред портите“ на ЕУ?

Европската стабилност зависи од стабилноста на Германија, истакнува Тајани. Тој е „против воведување мерки на внатрешните европски граници“. Според него, решението се наоѓа надвор, а не внатре во Европската унија: „Мораме ефикасно да ги штитиме надворешните граници. И мораме да инвестираме повеќе во Африка, за да ги сузбиеме причините кои доведуваат до појава на бегалци.“

Тајани пледира за итно зајакнување на Европската агенција за заштита на границите, Фронтекс, со 10.000 луѓе. „Освен тоа, потребни ни се центри за баратели на азил надвор од ЕУ“, истакнува Тајани, при што во вид има два вакви евентуални прифатни бегалци центри на Балкан, на пример во Албанија или во северна Македонија, но и три бегалци центри во Африка. Клучна улога има Либија, оваа држава мора итно да биде стабилизирана, вели Тајани, кој како локации за идни прифатни бегалски логори ги споменува Нигер, Тунис и Мароко.