1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа не може да одлучи што да прави со Грција

4 октомври 2011

Министрите на еврозоната повторно ја одложија одлуката за исплаќање на неопходната помош на Грција, иако ветија дека нема да дозволат земјата да банкротира. Лошата клима околу Атина предизвика нов пад на светките берзи.

https://p.dw.com/p/12l9g
Фотографија: picture alliance / Bildagentur-online/Ohde

Грчката влада ќе мора да направи дополнителни кратења во буџетските трошоци, и да продаде дел од својот имот, пред да ја добие следната транша од неопходниот заем.

Шефот на еврозоната, Жан Клод Јункер најави дека следниот спасоносен пакет за Грција ќе биде далеку поефикасен, но неговата сума нема да биде зголемена. Услов за неговото добивање ќе биде Атина уште подрастично да ги намали плановите за трошење во следните три години, заклучно со 2014.

ECOFIN Treffen Breslau Jean-Claude Juncker
Претседателот на Еврогрупата, Жан Клод ЈункерФотографија: picture alliance / dpa

Се чека извештајот на тројката

Изјавата на Јункер дојде по седумчасовниот состанок на министрите за финансии на 17-члената еврозона. Тие одлучија да ја одложат следната транша од кредитот за Грција во износ од 8 милијарди евра, најмалку до средината на ноември, иако претходно се тврдеше дека доколку Атина не ја добие ратата во следните денови, ќе банкротира до средината на овој месец.

„Го чекаме извештајот на ревизорската тројка. Врз основа на тој извештај ќе ја донесеме конечната одлука“, изјави германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос, протестираше против решението оценувајќи дека неговата земја станува „жртвено јагне“ на други проблеми во еврозоната, но на крајот мораше да прифати оти ќе треба да изработи целосно нов план за штедење.

„Грција е земја со структурни проблеми. Но Грција не може да биде жртвено јагне во еврозоната. Грција е горда држава. Можеме да продолжиме со заштедите и покрај длабоката рецесија од 12 проценти во последните три години“, изјави Венизелос.

Еврозоната сега бара од Грција да изработи „целосен и дефинитивен“ план со кој ќе обезбеди позитивен одговор и од кредиторите кои ја финансираат колабираната економија.

Конечниот одговор, веројатно ќе може да се очекува на самитот на ЕУ закажан за 17 октомври.

Griechenland Finanzkrise Evangelos Venizelos Finanzminister in Athen
Грчкиот министер за финансии , Евангелос ВенизалосФотографија: dapd

Приватните банки први на удар

Грчката Влада вчера призна дека нема да успее да ги оствари бараните намалувања во буџетскиот дефицит. Признанието силно се одрази врз тргувањето на финансиските пазари и предизвика пад на акциите на берзите ширум светот. По одлуката на еврозоната да не ја  одобри веднаш следната рата од помошта, прашалници се множат и околу судбината на неколку приватни банки и финансиски институции кои се длабоко заглавени поради кредитирањето на Грција.

Јункер отворено призна дека дел од нив во следниот период треба да очекуваат лоши вести. Кредиторите од приватниот сектор треба да очекуваат поголеми загуби и да отпишат поголем дел од долгот, од оние 21 отсто кои беа договорени во јули, изјави Јункер.

Најпогодена од ваквиот развој на настаните може да биде француско-белгиската банка Дексиа, која е многу изложена на грчкиот долг. Властите во Париз и Брисел вчера најавија дека се подготвени да ја спасат банката доколку состојбата ескалира, откако во само еден ден Дексиа загуби повеќе од 10 отсто од вредноста на акциите на берзите. Рејтинг агенциите веќе ги намалија рејтинзите на водечките француски банки. Аналитичарите сметаат дека француските банки се заглавени со премногу ризични државни обврзници од Грција и од други послаби земји-членки на еврозоната.

Автор: Борис Георгиевски/афп/дпа/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема