1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа на испит - нож во грбот на Меркел

Барбара Везел/превод: Ж.А.4 декември 2015

Словачка ја тужи ЕУ поради бегалските квоти, а претседателот на Европскиот совет Доналд Туск од Полска и‘ забива нож в грб на Ангела Меркел. Но, солидарноста во ЕУ не е еднонасочна улица, предупредува Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1HHL7
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F.Seco

Што му стана на претседателот на Европскиот совет, поранешниот полски премиер Доналд Туск? Тој во интервју за „Гардијан“ и други весници изјави дека бегалците, кои пристигнуваат во Европа, пред да им биде одобрен влез, би требало да бидат задржани до 18 месеци во прифатните центри, со цел во тој период да може да се провери дали претставуваат терористички и безбедносен ризик.
Според функцијата, Туска треба да ги подготвува средбите на врвот на ЕУ, да ги поврзува темите. Но, дали во екот на најжешката дебата, која се заканува да ја раскине ЕУ, треба преку интервју во весник да дава свој сопствен спин? Одговорот е - не, тоа воопшто не е негова работа.

Источноевропејците се двојат

Ако Туск ненадејно ја откри Полска во себе, тогаш треба тоа да си го остави за дома. Функцијата претседател на Европскиот совет во извесна мерка го обврзува на натпартијност и застапување на интересите на ЕУ како целина. Тој е обврзан со основните европски вредности, а во нив спаѓа и хуман прием на бегалци.

Околу опцијата „како“ може да се дискутира, но јавно да и‘ се забива нож во грбот на Ангела Меркел не е негова задача. Доволно лошо е што по смената на власта во Варшава, не е ставен крај на соработката со Берлин само во бегалското прашање. На Туск не му доликува да долева дополнително масло на огнот.

Тоа што Словачка вложи воглавно безизгледна жалба пред Европскиот суд против внатрешна распределба на бегалците во рамките на ЕУ, никого не го чуди. Премиерот Роберт Фико на тоа е мотивиран поради претстојните избори, сакајќи да покаже цврста рака и да ја тресне вратата на својата земја пред носот на последното семејство сириски бегалци.

Тоа што десничарот Виктор Орбан сака да се придружи на жалбата, исто така е очекувано. Автократот од Будимпешта не пропушта ниедна шанса за удар против Европа. Од двете земји со месеци доаѓа само политички баражен оган.

Напуштањето не е исклучено

Источноевропејците кои овде прават се‘ за да ја уништат ЕУ, целосно погрешно ги разбрале основите на европскиот заеднички живот. Не станува збор за принцип да се земаат пари од западните земји-членки, а инаку да се прави што ќе им текне.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Примањето милијарди евра европски пари и трговските поволности се поврзани со обврската за солидарност. Кому тоа не му се допаѓа, треба да ја напушти Унијата и својата среќа да ја проба на друго место. Патем, во таков случај дома треба да се вратат и стотиците илјади источноевропски работници, кои профитираа од слободата на движење и флуктуација на работната сила во ЕУ.

На сосема слично патување се патем и Грците: потекоа првите милијарди евра за спас на нивната економија и нивните банки, но Грците сосем тврдоглаво и ладно се оглушуваат на своите обврски. Во нив спаѓаат човечки третман на надоаѓачките бегалци и нивно регистрирање, како и заштита на надворешните граници.

Грција има голема морнарица, зошто впрочем не организира патроли пред брегот заради одвраќање на бродовите и чамците на шверцерите со луѓе? Притоа, грчката влада истовремено не ја прима помошта понудена од ЕУ и со тоа сосем свесно и сакано ги заострува проблемите.

Безнадежни изгледи

Досега секогаш се успеваше во пребродувањето на кризите во ЕУ, се истураа пари. Но, сега станува збор за нешто повеќе: во прашање е основното сфаќање на суштината на ЕУ, на тоа на какви принципи таа функционира и кои се нејзините вредности. Европа според правилата на Фико, Орбан и компанија - не, благодариме. Дрскост е пак и уште да се плаќа оваа трупа десни популисти. Солидарноста, драги соседи, не е некоја еднонасочна улица. Можеби идејата за европско јадро воопшто не беше лоша.