1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа е присилена на промени

Мартин Винтер / превод: ЗЈ29 август 2015

Годините на криза и’ ги покажаа на ЕУ грешките во конструкцијата на еврото и на надворешната политика. Но, таа нема сила нив трајно да ги отстрани, смета Мартин Винтер.

https://p.dw.com/p/1GLfX

Зад ЕУ остана шест тешки години, а и наредните нема да бидат полесни. Кризата навистина не огласи крај на идејата за мирољубива и партнерска Европа, но сосем сигурно огласи крај на некои европски илузии. Годините на финансиската и должничката криза беа поучни - и горки. Поучни, оти ги обелоденија недостатоците на политичката конструкција, која си ја даде ЕУ по крајот на Студената војна, егзалтирана дека е незадржливо на патот кон една, за новиот свет меродавно решавачка сила. Горки беа годините оти го донесоа и сознанието дека на земјите-членки на ЕУ им недостига сила да ги отстранат токму тие слабости.

Ниедна од двете големи намери - јакнење на ЕУ кон надвор и внатрешно сплотување - не ја постигна целта. Напротив. Еврото не создаде поголема политичка интеграција, туку растечка дезинтеграција. Довербата и солидарноста им отстапија место на недовербата и на старите предрасуди. А заедничката надворешна и безбедносна политика останува далеку зад надежите со кои беше востановена. Наместо да биде опкружена од пријатели и партнери, ЕУ повторно се наоѓа во еден „огнен прстен“, како што напиша британскиот весник „Економист“. Европа и Русија повторно се острат еден против друг. Во Украина владее војна. Кавказот никако да се смири. Војните во Сирија и Ирак се закануваат да го турнат во бездна целиот Среден Исток. Арапската пролет стана есен на насилство. Исламската држава се шири и ја загрозува Европа.

Распрснати илузии

Европа стана болен кому му е потребно згрижување. Еврото мора да биде спасувано со операција врз операција. Кога надворешнополитички ќе стане жешко, мораат како порано да настапат големите земји. А тие постапуваат според своите германски, француски или британски интереси. Згора на ова, ЕУ има економска и политичка тежина во желудникот од големото проширување со земји од Источна и Југоисточна Европа. И, со оглед на напливот од бегалци, и натаму доминира егоизмот на секоја држава на ЕУ. Пропадна илузијата негувана во 90-тите години на минатиот век, дека заедничка валута неизбежно ќе повлече со себе и политичка унија кај стопанството, финансиите, надворешната и безбедносната политика.

Deutschland Martin Winter
Мартин ВинтерФотографија: C. Hess

Кризата не само што ја разголи конструкциската грешка на ЕУ, туку покажа и како таа би можела да се отстрани. Но, тука почнува европската дилема: за спасување на големиот европски проект, ниедна земја-членка не е подготвена, во полза на една европска централа, да се откаже од националдржавниот суверенитет врз економијата, социјалната сфера, даноците и финансиите, како и врз безбедносната политика. Европското обединување, од неговиот прв чекор во 1951 година, стигна многу далеку. Но, народите се’ уште не се дојдени до прагот, на кој би биле подготвени унијата на суверени национални држави да ја заменат со една европска федерација, на пример според урнекот на Сојузна Република Германија.

Да се намалат претераните амбиции

Неспособноста на политиката и на народите да го сторат европски неопходното не е последица на индивидуално потфрлување на шефовите на држави или на влади, туку на себепреценувањето во раните 90-ти години на минатиот век. По триумфот во Студената војна против Источниот блок, европската политика си вообрази и фактички веруваше дека преку ноќ ќе може да направи велесила од инертната и врз сопствената внатрешна благосостојба концентрирана ЕУ. Сила, која се потпира не само врз заедничка надворешна и безбедносна политика и сака да биде во се’ поголем степен унија, туку и која истовремено и значително територијално ќе се прошири. Таа политика исто толку ги потцени објективните проблеми на заедничката валута и на заедничката надворешна политика, колку и отпорите на Европејците против една Европа која фактички сака да се стави на местото на нивните национални држави. Анкетите и изборите покажуваат: на Европејците им се допаѓа нивната Унија. Таа е пријатна, удобна и носи предности. Но, тие не сакаат да и’ дадат повеќе власт врз нивниот секојдневен живот. Таа дилема меѓу нејзините аспирации и нејзините реални сили не мора да значи крај на ЕУ - ако трезвено го извлече вистинскиот заклучок од кризата. А тој гласи: да се намалат претераните амбиции. Со оглед на тоа дека кај еврото не е можно враќање назад, мора сета сила да се концентрира на тоа, да го стави под контрола, за веќе да не може да биде егзистенцијален ризик. Истовремено ЕУ мора да биде пореална кај другите теми, како надворешната и политиката на проширување. Оти, кај оваа криза првенствено е битно да се обезбеди толку многу од карабината на Европа, за наредните генерации да имаат нешто солидно, што ќе можат натамошно да го градат.

Мартин Винтер, како дописник од ЕУ, известуваше од 1999 до 2013 од Брисел - прво за весникот „Франкфуртер Рундшау“, а потоа за „Зиддојче Цајтунг“. Годинава е објавена неговата книга „Крајот на една илузија - Европа меѓу аспирациите, желбите и реалноста“ (Едиција Зиддојче Цајтунг).