1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа го губи трпението со Грција

Обработка: З.Јордановски12 март 2014

„Еврогрупата е недвосмислена: Елините мораат конечно да се реформираат, ако ја сакаат наредната транша од помошта“, пишува весникот „Ди велт“. Системот на Ердоган е разнишан, забележува „Зиддојче цајтунг“.

https://p.dw.com/p/1BOYh
Фотографија: DW/V. Medyany

„Европа го губи трпението“, категоричен е весникот „Ди велт“, потсетувајќи дека веќе половина година изостанува оценката за напредокот на Атина во извршувањето на преземените реформски обврски, а напорите на „тројката“ да ја изготви таа оцена досега се безуспешни. „Тука повторно доаѓа до израз необичната разлика околу тоа како Грците се гледаат самите себе си и како на нив гледаат отстрана: владата (...) се смета себе си за особено успешна - за прв пат од почетокот на европската помош во 2010 оствари примарен суфицит во буџетот (значи, ако не се смета отплатата на долговите). Од тоа грчката влада полага право за констатација дека се извлекла од кризата. ’Најголема опасност е самозадоволството‘, забележува напротив еврокомесарот за монетарни прашања Оли Рен - Грците требаше да направат повеќе, а не сакаат; но, ќе мораат и тоа во наредните денови“.

Во случајов станува збор за транша од вториот пакет помош, кој истекува до крајот на годинава. „Владата во Атина повеќе пати објави дека и натаму ќе и’ треба поддршка од европските партнери - но, по можност без налози за штедење и реформи, без мисиите на ’тројката‘, кои од двете страни во меѓувреме се сметаат за главно неплодни. (...) При сегашната состојба на нештата, некакво продолжување на помошта, се’ едно под какви услови, речиси е неможно до изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај, дури и ако би постоела желба. Но, таква политичка волја на еврогрупата како целост или на нејзините членови не може да се осознае“, оценува „Ди велт“.

Атина мора да ги исполни условите за добивање помош

„Еврогрупата го зголемува притисокот во натегањето околу натамошни реформи во Грција“, констатира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и ги пренесува зборовите на претседавачот со групата, Холанѓанецот Јерун Дајселблум, дека „грчката влада треба да покаже како има намера да ги исполни преземените обврски“. „Во изминатите месеци не е променето она, што владата во Атина мора да го направи за да ги исполни условите за помош“. Оваа транша изнесува околу 10 милијарди евра. „Грција, според наводи на дипломати, моментно може да ги плати тековните трошоци. Но, во мај земјата мора да отплати долгови во сума изразена во милијарди и затоа најдоцна тогаш ќе и’ биде нужна нова помош“, известува ФАЦ.

На Ердоган му бегаат од раце и власта и народот

„Државата е разнишана, ретко кога имало толку хаос во Турција“, пишува „Зиддојче цајтунг“ и дава ваква слика на актуелниот миг во земјата: „Убијци и пучисти се ослободени од затвор и се колнат на одмазда. Правосудството се прави себе си смешно. Еден истанбулски вонреден суд, кој со решение на парламентот веќе воопшто и не постои, и натаму донесува пресуди. Државни обвинители и судии бараат правда за себе пред Уставниот суд, оти не сакаат да бидат обезвластени. Полициски шефови, на кои владата им забрани да вршат истраги против корупција и организиран криминал, ништо не работат, на радост на криминалците. (...) Се множат знаците дека на премиерот му бега власта од раце. (...)

Presseschau über die Lage in der Ukraine
Фотографија: Nikolaychuk

И народот му бега на премиерот, барем ноќе. Тогаш на Јутјуб и Фејсбук пребаруваат во меѓувреме речиси исто толку луѓе, колку што имаат публика телевизиските програми на големите приватни станици со сите оддавања почести на Ердоган. Интернет-порталите во Турција постигнуваат рекорди откако таму можат да се слушнат десетици наводни телефонски разговори на премиерот со неговиот син Билал или на луѓе, блиски на премиерот, од стопанството и медиумите. Притоа, секогаш станува збор за пари и власт или за желбите на Ердоган самиот да ги формулира дури и насловите во големите весници. (...)

Брз крај на турската драма не е на повидок. Ердоган не покажува дека ја согледува состојбата, тој и натаму полага врз тоа дека за мнозинство од Турците впечатливиот економски подем на нивната земја во изминатите десет години е поважен, отколку една функционирачка правна држава. Дали ќе е во право?“ - „Зиддојче цајтунг“ го остава отворено ова прашање на крајот од текстот.