1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа бара поодговорно однесување на САД во финансиската криза

30 септември 2008

САД мораат сериозно да ја сфатат својата одговорност во надминувањето на финансиската криза, реагира Европската комисија во Брисел, откако американскиот Конгрес го одби планот за спасување на финансискиот сектор.

https://p.dw.com/p/FRiR
Америка предизвика тешкотии во цел светФотографија: AP

Европската комисија неусвојувањето на американскиот пакет за спасување на финансискиот сектор го смета за разочарување и го потсети Вашингтон на посебната одговорност за актуелната криза. Турбуленциите на кои сме изложени, настанаа во САД и станаа проблем во целиот свет, изјави денеска портпаролот на Комисијата, Јоханес Лаитенбергер. Комисијата од американските политичари очекува одговорно државничко однесување во корист на сопствената земја и на целиот свет. Во тоа би се ангажирале и одговорните во Европа. Како пример портпаролот го наведе предлогот на францускиот претседател, Никола Саркози, во својство на претседавач со Унијата, за организирање меѓународна конференција за финансиската криза.

Поширока меѓународна реакција на кризата

Еврокомесарот за трговија Петер Менделсон одбивањето на пакетот за помош на американските банки го нарече неодговорно. Американските конгресмени се целосно без памет. Се надевам дека во Европа нема да доживееме ваква неодговорност од некој политичар или парламентарец, изјави Менделсон.

Тој истовремено побара поширока меѓународна реакција на финансиската криза. Освен францускиот претседател Никола Саркози, британскиот премиер Гордон Браун и германската канцеларка Ангела Меркел минатите денови инсистираше на тоа во телефонски разговор со американскиот претседател Џорџ Буш. Европската комисија ќе изнесе предлози за подобра соработка меѓу надзорните органи, банките и владите.

Меркел: што побрзо усвојување на пакетот мерки

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од САД уште во текот на оваа недела да го усвојат пакетот мерки за справување со финаниските тешкотии. Тоа е предуслов за настанување нова доверба на пазарите и е од неверојатно големо значење, потенцира Меркел.

Bundeskanzlerin Merkel nach Wahlschlappe der CSU in Bayern
Меркел очекува брза американска акцијаФотографија: AP

Градењето доверба е причината што германската влада донесе одлука за преземање гаранција за загрозената Хипо Риал Истет банка. Владата и приватните банки во Германија вчера решија да го поддржат минхенскиот ДАКС концерн со околу 35 милијарди евра, од кои на сојузот отпаѓаат 26,6 милијарди.

Инаку и германскиот министер за надворешни работи и кандидат за канцелар, Франк Валтер Штајнмаер, го критикуваше американскиот Конгрес.

По ноќта во Вашингтон се најдовме во свет во кој стана потешко. Пакетот за спасување на американските банки е каменот темелник во наоѓањето решение за проблемите на американскиот финансиски пазар, на кој потоа би се надоградувала помошта во меѓународни рамки, вели Штајнмаер.