1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евровизија го поврзува Балканот

14 мај 2011

Југославија беше прва социјалистичка земја која се приклучи на Евровизија. Пред и по распадот на земјата Евросонг има голема популарност на тие простори и сегашните независни држави настојуваат да гласаат едни за други.

https://p.dw.com/p/11FJq

Во 60-те години од минатиот век телевизијата и фотографиите се’ уште беа црно-бели, такашто на Изборот на песна на Евровизија, песните играа позначајна улога од пејачите, вели Љиљана Петровиќ. Во 1961 година таа настапи како прв претставник на тогашна Југославија на изборот и заврши на 8-то место. Иако не победи таа година Петровиќ сепак се’ уште има позитивни спомени од настанот:

„Кога размислувам за Евровизија секогаш ми се враќаат назад радоста и возбудата, бидејќи беше толку извонредно и ентузијастички. Се возбудувам секогаш кога говорам за тоа.“

Serbische Sängerin Ljiljana Petrovic
Љиљана Петровиќ во 1961 настапи за ЈугославијаФотографија: Ljiljana Petrovic

Југославија победи на Изборот на песна на Евровизија само еднаш- во 1989 година, истата година во која падна Берлинскиот ѕид и почна да се кине Железната завеса. Победата ја однесе поп-бендот Рива од Хрватска. Набргу потоа започнаа Балканските војни и Југославија се распадна.

Евросонг се сфаќа премногу сериозно

Од некогашна Југославија произлегоа повеќе независни држави и потенцијални натпреварувачи на Евровизија. Според официјалните правила гледачите не смеат да гласаат за сопствената земја. Но балканските држави во последните години постојано гласаат едни за други. За аутсајдерите тоа може да изгледа чудно со оглед дека регионот до не така одамна беше потресен од војни и нетрпеливост. Југословенската поп легенда Дино Мерлин годинава по вторпат се натпреварува за Босна и Херцеговина . За него воопшто не е чудно што поранешните Југсловени гласаат едни за други:

„Нема премногу философија во тоа. Сметам дека е сосема нормално. Луѓето секогаш ќе гласаат за песната и за изведувачот што им е познат. Ние делиме сличен јазик, сличен стил и ист вкус за храна, па зошто не и за музика.“

Deutschland Musik ESC 2011 Eurovision Song Contest Nina aus Serbien
Нина- српската претставничка на Евросонг 2011Фотографија: EBU

Луѓето од регионот заедно минаа низ многу нешта и сето тоа би можело да биде една од причините зошто Балканците толку уживаат во Евровизија. Кристина Ковач комозитор на песната „Меџикал“ со која на годинешниот Евросонг ќе настапи претставничката на Србија Нина Брајиќ, објаснува зошто Евровизија е попопуларна на Балканот отколку во Западна Европа:

„Сметам дека музичката индустрија е многу поразвиена и посилна во западноевропските земји. На Балканот музичката индустрија многу страдаше од војни, санкции, ембарга. Музичката индустрија тука не е толку развиена и инволвирана во мејнстрим музиката од Западна Европа. Таа е повеќе локална помешана со некој вид етно и фолк музика. Сметам дека тоа е причината зошто луѓето тука ја сфаќаат Евровизија толку сериозно. Таа изгледа како шанса да се презентира нашата музика во Европа.“

Евросонг губи контакт со музиката

По толку многу години, Изборот на песна на Евровизија се претвори во најголемо музичко ТВ шоу во светот со преку 120 милиони гледачи. Но сите на Балканот не се среќни поради тоа. Љиљана Петровиќ, првата претставничка на Југославија вели дека денес Евросонг губи контакт со музиката:

Eurovision Song Contest Düsseldorf Deutschland 2011 Zweites Halbfinale Bosnien Flash-Galerie
Дино Мерлин во Диселдорф по вторпат ја претставува Босна и ХерцеговинаФотографија: EBU

„Евровизија беше многу елегантен и угледен фестивал. Како што одминуваше времето тој се претвораше во пошаренолик настан. Имаше се’ повеќе и повеќе специјални ефекти, а помалку и помалку музика. Секако дека Евросонг стана технички понапреден. Денес мултимедијалноста игра голема улога на него. Но колку тоа и да го прави шоуто по фасцинантно, толку повеќе се губи музиката. За мене тоа е страшно“

Дејан Кукриќ, координатор за Евросонг во Србија сепак смета дека музиката и натаму е доминантен и клучен сегмент од големото шоу:

„Сметам дека навистина се’ се врти околу музиката. Сите ние сме поврзани. Можеби не во политиката. Мислам дека новите генерации ќе научат да живеат без политика, поврзани во културата, музиката. Сметам дека музиката е едно од оние мали нешта кои го прават животот поубав“.

И можеби Евровизијата дури и одигра улога во помогањето на земјите. Балканот да заздрават од периодот на војни и повторно да се поврзат.

Автор: Јаков Леон/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски