1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дупка во пензискиот фонд

20 август 2010

Пензискиот фонд во Бугарија бележи дефицит. Причина за тоа не се само намалените квоти на уплаќање, туку и намалениот износ на пензиското осигурување во рамките на прилагодувањето на прописите кон оние во ЕУ.

https://p.dw.com/p/On4c
Илјадници пензионери се соочени со сиромаштијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Демографската состојба во Бугарија се менува. Од една страна по демографскиот пресврт голем број жители се иселија од земјата. Според проценките 800 илјади, пред се‘ млади луѓе, живеат и работат во странство. Но, иселениците не се единствената причина за негативниот развој. Месечните примања во Бугарија во просек изнесуваат 320 евра, а пензиите 150 евра. Со оглед на ниските примања, тесната фамилијарна врска во бугарската општествена структура е одлучувачки фактор за пензионерите да преживеат.

Во моментов од давачките кои ги уплаќаат 100 вработени, живеат 80 пензионери. Во Бугарија вкупно 2.214.880 луѓе примаат пензија од државното пензиско осигурување. Бројот на осигурани вработени изнесува 2.865.961, а процентот на невработеност е 6,3 насто. На почетокот од 2010 година државниот пензиски фонд забележа дефицит од 1,2 милијарди евра, кој мора да се покрие од државниот буџет.

Празнење на пензиските каси

Symbolbild Kriminalität
Сивата економија влијае негативно врз состојбата на пензискиот фондФотографија: bilderbox

Постојат многу причини за овој дефицит. Најпроблематичен е брзиот пораст на групата од населението, која според возраста остварила право на пензија. Додека во 2004 година, 55,1 насто од населението било работоспособно, до 2020 година оваа бројка ќе изнесува само 49,6 насто. Исто така законски пропишаните пензиски придонеси во минатите години беа преполовени. Ова се одрази негативно врз финансиската состојба на пензискиот фонд.

Состојбата дополнително ја отежнува и секторот на сивата економија. Имено многу работодавачи ги осигуруваат вработените само врз основа на законската минимална плата, иако реалниот приход е многу повисок. Така во пензискиот фонд се уплаќаат помалку средства.

Намалени пензиски придонеси

Symbolbild Rente Rentner Geld Kaffeedose
Придонесите ги уплаќаат работодавачите и вработениот заедноФотографија: picture-alliance/ ZB


Од почетокот на векот во Бугарија постепено е воведен пензиски систем на три столба. Целокупниот пензиски систем претходно беше под контрола на државата. Првиот столб на пензискиот систем оттогаш е државното пензиско осигурување, кое се уплаќа во државната каса за пензиско осигурување и со тоа се финансира договорот помеѓу генерациите.

Вториот и третиот столб се едно дополнително законски пропишано пензиско осигурување, и едно дополнително доброволно пензиско осигурување, кое се уплаќа во приватните пензиски каси кои добиле лиценца од државата. На почетокот од промените во 2000-та година, придонесите кои се уплаќаат во државното пензиско осигурување изнесуваа 32 насто од приходите и постапно беа пренасочени во вториот столб и намалени.

Во моментов во пензискиот систем се уплаќаат 16 насто од приходите, 11 насто од нив во државното и пет насто во дополнителното законски пропишано пензиско осигурување. Придонесот го плаќаат работодавачот и вработениот заедно.

Автор: Александер Андреев / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска