1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуо-трио: Меркел и Саркози ќе го убедуваат Медведев

18 октомври 2010

Пред состанокот на групата Г20 и самитот на НАТО, денеска (18.10.2010) во Довил, Франција започна дводневна средба на германската канцеларка Меркел, францускиот претседател Саркози и рускиот претседател Медведев.

https://p.dw.com/p/Pgq2
Фотографија: apn

Францускиот претседател Никола Саркози оваа есен ќе претседава со две мошне важни тела: групите Г20 и Г8. Саркози, очигледно, уште отсега почнува со подготовки за своевиден настап на интернационалната политичка сцена, па на средбата во Довил најави дискусија за теми кои во моментов се од пресудно значење. Канцеларката Меркел прагматично одговара на сето тоа: „Ваквите средби, во потесен политички круг се мошне важни, бидејќи може доста слободно и сеопфатно да дискутираме за нашата меѓународна соработка.“

Dimitri Medwedew
Дмитриј Медведев и натаму категоричен за заедничка европско-руска безбедносна архитектураФотографија: AP

Пред се`, тоа значи дека тројцата челници мора да се договорат како ќе се одвива следниот самит на групата Г20 и како да се расчистат недоразбирањата во пресрет на самитот на НАТО во Лисабон.

Една од главните теми во Довил: НАТО и Русија. Од Париз велат дека оваа средба е еден вид психолошка мерка за градење меѓусебна доверба - аспект на кој и Меркел посвети големо внимание: „Сакаме да изнајдеме можности за соработка меѓу Русија и НАТО. На студената војна и` е ставен крај еднаш засекогаш и му припаѓа на минатото!“

Со сличен тон настапи и Генералниот секретар на НАТО, Расмусен, во Париз. Тој го поканил рускиот претседател Медведев да присуствува на претстојниот самит на НАТО во Лисабон, но од Кремљ се` уште нема официјален одговор. Расмунсен изјави дека би сакал да постои вистинско стратешко партнерство меѓу Русија и НАТО.

Од друга страна, челниците нема да ја заобиколат ниту дискусијата за противракетниот штит на НАТО. Меркел и Саркози сакаат да го убедат Медведев дека новата безбедносна стратегија не е насочена против Русија. Рускиот претседател, пак, и натаму инсистира на неговиот план за европско-руска безбедносна архитектура.

Автор: Еви Зајберт / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска