1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ и ДПА во битка за Тетово

Свето Тоевски14 март 2013

Довршување на водоводот, гасификација, економски развој на Тетово. Изградба на спортско-рекреативен центар, нова библиотека... Kандидатите за градоначалник ветуваат, а граѓаните во дилема: ќе има ли пари за сето тоа?

https://p.dw.com/p/17xBm
Фотографија: Sveto Toevski

Во изминатите денови од оваа изборна кампања видно е дека освојувањето на позицијата градоначалник на Тетово е прашање од врвен приоритет за ДУИ и ДПА. Партијата на Али Ахмети ја номинираше за таа функција Теута Арифи, сметајќи дека Албанците во поголема мера ќе се определат за неа, како досегашна вицепремиерка за европски интеграции. ДПА го рекандидираше Сади Беџети, актуелниот „градски татко“, кој е и поранешен ректор на Државниот универзитет во овој град. Двете ривалски албански партии се во трескавични активности која ќе успее од нив да ја освои локалната власт во овој „бастион на албанштината“, како што се нарекува метафорично Тетово во нивните политички речници веќе со години.

Петмина кандидати за градоначалник – двајца најреални

Во градоначалничката трка се вклучени уште и пратеникот Изет Зеќири од партијата „Албанска национална преродба“ на Руфи Османи и двајца кандидати од македонскиот блок: универзитетскиот професор во Факултетот за музички уметности во Скопје и диригент Ивица Зориќ, номиниран од СДСМ, како и и Горан Манојловски, новиот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, вработен како лекар во тамошниот Клинички центар. Со оглед на бројноста на македонското бирачко тело „јавна тајна“ е дека Зориќ и Манојловски немаат шанси да победат. Сепак, тие продолжуваат со својата изборна кампања и со комбинаториките, кои ги зацртале нивните партиски шефови. За Зеќири е, исто така, прашање колку гласови може реално да добие од своите сонародници и сограѓани и дали би можел да им ги „побрка“ сметките на Беџети и Арифи. Сепак, „пулените“ на ДПА и ДУИ се единствените сериозни тркачи за градоначалничката фотелја. Паѓа во очи дека и двајцата многу малку, или напати воопшто не користат „национално обоен“ речник во јавните истапувања.

„Овој град има потреба да излезе од агонијата во која западнал, да се најде повторно себеси, да ги отстрани разликите, изнаоѓајќи точка на обединување, да доживее едно културно будење. Подолго време единствената економска активност во градот е изградбата на повеќекатни палати без никаков критериум. Како последица на тоа Тетово е преобразено во хаотичен бетонски организам со проблематичен сообраќај, каде што недостасуваат паркови со зеленило и паркинзи. Не можеме да го вратиме времето назад и да дејствуваме посовесно, но секако можеме градежните земјишта, што ќе бидат сега сопственост на општината, да ги користиме исклучиво за нови објекти. Градот нема повеќе да се дави во новите градби, туку ќе се проширува согласно со правилата на урбаната хармонија и на архитектонската убавина“, вели Теута Арифи.

Teuta Arifi Politikerin Albanien
Теута АрифиФотографија: DW

Сади Беџети возвраќа: „Во текот на изминативе четири години 24 часа во текот на денот, сите недели и месеци, бевме во служба на граѓаните. Ние бевме заедно со нив, кога Владата ги заобиколуваше, ние им го дадовме своето срце кога Владата ги забораваше, третирајќи ги само како плаќачи на даноци за полнење на буџетот, од кој се вложуваше во други градови. Ние инвестиравме во инфраструктурата, во училиштата, се грижевме за социјално загрозените семејства, и дадовме простор за развој на најмладата генерација. Имавме јасна развојна визија за ’Тетово на тетовци’, а за  следниов мандат имаме платформа за нов, уште поголем развој на општината и градот: за доизградба на булеварите и за реконструкција на улиците ... Најголем проект ќе биде довршувањето на водоводот.“

Sadi Bedzeti Bürgermeister von Tetovo Mazedonien
Сади БеџетиФотографија: DW

„Ветувања од празните џепови – за празните џепови ...“

И додека сите петмина кандидати за градоначалник на градот под Шара, заедно со носителите и членовите на кандидатските советнички листи, продолжуваат да се среќаваат со занаетчиите, бизнисмените, со младите и другите категории на населението, од граѓаните веќе пристигаат следните коментари и дилеми:

„Кандидатите за градоначалник допираат со своите пораки до граѓаните, но е прашање кога ќе ги исполнат работите за кои говорат на митинзите. Ветувањата обично никогаш не се исполнуваат, но некој мора да биде прв човек на локалната самоуправа.“;

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/Stojanovski

„Има многу ветувања, а гласачите со празни џепови сонуваат дека ќе им се исполнат. Но, празни џепови имаат и оние, кои толку многу ветуваат: нема да можат да направат ништо.“;

„Само Господ знае колку ќе се реализира од се она што се зборува на средбите со граѓаните. Во секоја изборна кампања зборува се едно исто. Во оваа кампања она што се истакнува не влијае воопшто врз моето определување за кого ќе го дадам својот глас.“;

„Кандидатите за градоначалник со своите пораки и изборни програми не се подалеку од интересите на граѓаните, ама ветувањата се поголеми од можностите. На овој начин гласачите се замајуваат по малку, оти тие сметаат дека ќе добијат повеќе, а, всушност, тоа не може да им се исполни. Ние 10 – 12 години го правиме водоводот и уште не е изграден. И сега пак прва тема е водоводот. Ќе има голем број на неопределени гласачи, но нема да не гласаат. Ќе излезат на гласање, но е прашање што ќе направат тогаш. Но, не баш сите од нив им веруваат на ветувањата, кои ги даваат партиските кандидати за градоначалник и за членови на општинскиот совет.“

На 24. март ќе биде интересно да се види кој ќе ја добие довербата на населението. Се’ повеќе зачестуваат шпекулациите дека гласовите на македонското население и овојпат ќе бидат решавачки дали ќе победи Сади Беџети или Теута Арифи, како што се случи во 2009 година. Само, овојпат од партиските штабови на македонските кандидати пристигаат неофицијални „сигнали“, кажани од поединци, дека кој било да триумфира, ќе мора по завршувањето на изборите конечно да поведе сметка за реално незадоволителната застапеност на Македонците на раководните позиции во локалната самоуправа, во јавните претпријатија и во подрачните единици на министерства. Ова од поодамна го бара македонската популација во Тетово преку своите локални политички репрезенти.