1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Другата страна на Денот на вљубените

ЖА/дпа14 февруари 2016

Свети Валентин важи за ден на вљубените. Но, двојките не секогаш се усреќуваат меѓусебно со цвеќенца и срца. Понекогаш хармонијата излегува од контрола, а денот завршува во хаос.

https://p.dw.com/p/1HuRW
Фотографија: picture alliance / dpa

Многу двојки на Денот на вљубените си дозволуваат мало внимание. Но, понекогаш наместо романтично заедништво, доаѓа до хаос и лутење. Ви претставуваме неколку примери:

Се‘ во розово-црвено: На Свети Валентин во 2008 година еден 27-годишен маж во германскиот град Кобленц напишал 12 метри голема љубовна порака. Како неа ја примила избраничката на неговото срце не е познато, но многу неромантично, вљубениот прскач со спреј добил прекршочна пријава за предизвикување штета. Освен тоа, морал да го плати и отстранувањето на штетата.

Bildergalerie Valentinstag Vorbereitungen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ниеден ѕид не е доволно висок: Понекогаш човек мора да помине многу пречки за да може на Денот на вљубените да ја прегрне својата сакана. Во 2014 година за еден крадец на автомобили во затворот во Феникс во Американската сојузна држава Аризона копнежот бил толку голем, што тој совладал четири метри висока ограда, бодликава жица, еден ѕид и пат од 50 километри, за да биде со својата избраничка. Но, Светивалентинскиот рандеву бил многу краток: по само неколку минути многу неромантично кликнале лисиците на рацете на вљубениот и тој морал назад во затворската келија.

Бегство со креветски чаршафи: Свети Валентин со пијан сопруг? Во 2013 година една сопруга во градот Талин во Естонија еден ден пред Свети Валентин го заклучила сопругот во станот за да спречи да се сретне со пријателите во кафеана. Или жедта била преголема или љубовта премала: 35-годишниот Естонец се впуштил во авантуристичко бегство спуштајќи се преку врзани креветски чаршафи од прозорецот. Притоа паднал, но тука бил неговиот ангел-чувар: човекот завршил во грмушки со лесни повреди.

Valentinstag
Фотографија: Fotolia/detailblick

Со сукало против автомобилот: Ден на вљубените? На Свети Валентин 2011 година ескалирала брачната кавга меѓу една двојка од германскиот град Билефелд. По драстичните навреди и разменетите шлаканици, како „жртви“ паднале играчката конзола и телевизорот со рамен екран. А потоа кај 32-годишната жена паднале сите кочници и на нишан го зела автомобилот на сопругот. Прво ги расекла автомобилските гуми, а потоа со сукало ја „измесила“ каросеријата, како што стои во полицискиот извештај.

Küssen verboten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рустикална свадбена прослава: Свадба на Свети Валентин - тоа мора да носи двојна среќа, веројатно така размислувала една двојка во британскиот град Брадфорд во 2014 година. Но, на свадбата повеќемина гости се фатиле за коси. Кавгата пред бифето ескалирала до толку што четириесетина воинствени „петли“ се истепале меѓусебно и се гаѓале со паштети од месо.

Предупредување од придружни ефекти: „Романтичната атмосфера и хармонијата излезена од контрола можат да го исклучат разумот На Свети Валентин“, предупредиле во 2015 година властите на Филипини. Комисијата за млади формирана од владата им советува на младите да се воздржат од пребрз секс на Денот на вљубените или барем навремено да мислат на контрацептивни средства.