1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дроновите не се играчки

Марсел Фирстенау/сн11 јуни 2016

Ликвидацијата на осомничени терористи со беспилотни летала од страна на САД веројатно била овозможена и со германска помош. Дури и самото сомнение ја потврдува непресметливоста на ова оружје, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1J4LN
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Непријателот да се убие целно без да се загрози сопствениот живот - за тоа сонува секој војник. Тој сон стана реалност кога се измислија беспилотните летала на далечинско управување, односно таканаречените дронови. Во борбата против тероризмот беспилотните летала од гледиште на нивните застапници се неминовно сретство. Кога притоа, повторно, страдаат и невини цивили, со цинични зборови на воените претставници тоа се нарекува „колатерална штета“. Од морален аспект гледано, користењето на беспилотните летала веќе поради таа причина мора да се одбие. Кој го оправдува нивното користење како одбрана од опасност, тој работите премногу ги поедноставува.

Во Германија набавката на беспилотни летала опремени со оружје се наоѓа на самиот врв на списокот на желби на министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен. Извидувачки беспилотни летала германските трупи поседуваат уште од 1960. годнина. Но, сѐ уште останува отворено дали и кога Бундесверот ќе ги користи беспилотните летала опремени со оружје. Но дека Германија е веќе дел од војната со беспилотни летала, тоа е во меѓувреме јасно. За тоа е потребно само да се посочи на американската воена база Рамштајн. Преку оваа локација поминуваат и од другата страна на океанот испратените сигнали за беспилотните летала.

Главниот сведок Брајант на многумина им ги отвори очите

Како тоа технички функционира и зошто е потребен Рамштајн, тоа во октомври 2015. година сликовито го опиша поранешниот управувач со беспилотни летала, Брендон Брајант, во рамки на испрашувањето на Комисијата на Бундестагот за истражување на прислушувањето изведувано од американската тајна служба - НСА. На таа иста комисија поранешниот претседател на Службата за заштита на уставниот поредок, Хајнц Фрон, и’ откри за лежерениот однос на неговата институција кон чуствителни податоци. Конкретно се работи за телефонски броеви на мобилни апарати во сопственост на осомничени за тероризам, меѓу кои има и германски државјани. Со тоа корисниците можат без проблем да се лоцираат и само за неколку секунди да се убијат со беспилотни летала опремени со оружје.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Фотографија: DW/S. Eichberg

Многу работи упатуваат на тоа дека Службата за заштита на уставниот поредок делувала како помагач на САД така што податоците неформално ги проследувала на трансатланските партнерски служби. Дополнителна проверка на понатамошното користење на податоците е невозможна бидејќи не постоела потврда за прием. Да ѝ се префрла на Германската разузнавачка служба БНД за намерно соучество во војната со беспилотни летала би било нечесно. Но, дека БНД изгледа воопшто не сакала да знае што се случува со податоците, тоа е прифатлива претпоставка. Така изјави и претставникот на Социјалдемократската партија - СПД во НСА-комисијата, Кристијан Флисек.

Соучество во целно убивање - без разлика дали е намерно или ненамерно

На оваа парламентарна комисија може да и’ се заблагодари за тоа што за сомнителната употребата на беспилотни летала опремени со оружје се разговара во пошироки рамки. Станува збор за многу повеќе од напади на вистински или наводни непријатели. Се поставува прашање за намерно или ненамерно соучество во целно убивање. Поранешниот оператор на беспилотни летала Брајант, зборуваше и за тоа колку брзо паѓа прагот на толеранција кога луѓето се убиваат на далечина со помош на еден џојстик.

Не е ни чудно што Брајант има лоша совест. Во театар, во меѓувреме, може да се види какви траги оставила на него неговата поранешна работа, и тоа во рамки на театарскиот проект на Јан-Кристоф Гоцкел во државниот театар во Мајнц со име "Ramstein Airbase: Game of Drones". Претставата се игра овој месец и во Берлин. Препорачано да се гледа - освен за членовите на НСА-комисијата.