1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државниот непријател под шифра „Македонец“

Александар Андреев/превод:БГ20 јануари 2016

Цели 12 години германскиот историчар Штефан Требст бил следен од комунистичката тајна служба на Бугарија и на поранешна ГДР. Сега конечно добил пристап до актите. За ДВ раскажува што пронашол

https://p.dw.com/p/1HgMI
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

ДВ: Господине Требст, што пронајдовте во датотеката на бугарската комунистичка тајна служба за Вас?

Требст: Комитетот за државна безбедност за првпат отворил досие за мене во 1977 година. Тогаш престојував како студент на размена на Факултетот за историја на Универзитетот Климент Охридски во Софија. Досието кое содржи речиси 700 страници, било без престан водено сѐ до 1989 година. До 1986 ме воделе под кодно име „Македонец“- затоа што како студент по историја а подоцна и историчар ги истражував македонските организации во Бугарија.
Следењето согласно жаргонот на тајната служба бил оправдан со „антибугарска активност и со издавање на антибугарски научни и други публикации“. Од 1986 година ме ставиле во повисок степен на опасност и ме воделе под кодното име „Бибер“. Тајната служба се сомневала дека работам за германската тајна служба и дека работам на изградба на мрежа на агенти во мнозински турските региони во земјата. Оттогаш ме следеле во секој чекор. Бугарите со кои сум контактирал биле повикувани на разговор, приведувани или принудувани да дадат писмени изјави.

ДВ: Што точно се вели во документите?

Документите во најголем дел содржат извештаи на неформалните соработници на државната безбедност, со кои лично сум се познавал или ми биле пријатели. На пример, мојот цимер од студентскиот дом преземал обврска од Службата да води детален протокол за мене: за разговорите со него, за моите посети кај други студенти, за моите предавања... На барање на ДБ еден пријател ме поканил и на одмор во неговата летна вила. Куќата со негово знаење претходно била озвучена, за да можат да ги слушаат нашите разговори.
Други информанти им пренесувале на своите офицери во ДБ дека, според нивниот впечаток, имам исклучително научни интереси за Бугарија и за нејзината модерна историја и дека им е непријатно да ме следат.

ДВ: Како на тоа реагирале офицерите на службата?

Во документите постојат нивни проценки за смислени стратегии и тактики во односот кон мене. Интересно е што тие проценки се разликуваат. Едни биле на мислење дека мојата професија како историчар е само легенда: Всушност јас сум агент- или на ЦИА или на БНД. Другите, пак, сметале дека е малку веројатно оти во целиот период од 1977 до 1989 сум се обидувал да добијам пристап до бугарските архиви и притоа, не сум барал поддршка само од амбасадата на Сојузна Република Германија, туку и од бугарските власти и од меѓународното здружение на архивари.

Еден професионален шпион, според оваа проценка, не би правел такво нешто, туку би се однесувал колку што е можно подискретно. Притоа е препознатливо дека повеќето офицери на ДБ страдале од професионална деформација. Полковникот на ДБ Цветко Цветков кој бил задолжен за моето следење долги години, од тие причини се потпирал исклучиво врз својот сомнеж затоа што не можел да најде ниту едно друго објаснување: како е можно еден германски студент да дојде своеволно на студии во Бугарија! Тој мора да е шпион, сметал Цветков.
Тоа доволно говори и за тоа колку Цветков ја сметал својата земја за атрактивна во споредба со „несоцијалистичката економија“.

Штефан Требст е професор по историја на источна Европа и филозофија, ко-директор на Институтот за глобални и европски студии и заменик директор на Центарот за историја и култура на централно-источна Европа на Универзитетот во Лајпциг.