1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Драматична состојба по земјотресот во Мексико

ЕМФ /агенции
20 септември 2017

Во нов катастрофален земјотрес во Мексико загинаа најмалку 224 лица, меѓу кои и над 20 деца. Состојбата е драматична, а спасувачите очајно се обидуваат да стигнат до затрупаните.

https://p.dw.com/p/2kL25
Mexiko Erdbeben Mexiko Stadt
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Schemidt

Земјотресот имаше јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала. Неговиот епицентар бил на 120 километри југоисточно од Мексико сити. Во земјотресот се урнаа десетици објекти, меѓу кои и едно училиште, при што загинаа 25 луѓе. Министерот за образование Аурелио Нуно Мајер изјави дека по многу деца и возрасни сѐ уште се трага. Спасувачките екипи се обидуваат со лопати и раце да ги расчистат урнатините од училиштето и да стигнат до преживеаните.

Mexiko Erdbeben Mexiko Stadt
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Schemidt

Со оглед на очајничката борба да се стигне навреме до затрупаните, мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието упати апел до граѓаните да останат дома, доколку нивниот објект е сигурен. На тој начин патиштата за спасувачките коли ќе бидат попороодни, а ќе се олесни и работата на спасувачите, рече Нието.

Очајничка борба со времето

Земјотресот се случи токму на 32-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1985 година, кога во Мексико загинаа околу 10.000 луѓе. Само два часа пред да се случи новиот земјотрес, многу институции, претпријатија и училишта учествуваа во годишната вежба на евакуација и однесување во случај на земјотрес.

Mexiko Erdbeben Mexiko Stadt
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Schemidt

Мексико се наоѓа во една од земјотресно најактивните зони во светот. Најголем дел од земјата се наоѓа на северноамериканската земјена плоча, која се движи кон запад. Под нејзе се наоѓа Кокосовата плоча која полека се придвижува кон североисток. Тоа предизвикува потреси.