1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Дојде денот Д за случајот „Рекет“

18 јуни 2020

Затворска казна или ослободителна пресуда за Бојан Јовановска и Катица Јанева? Јавноста ја чека пресудата за високопрофилниот случај. 

https://p.dw.com/p/3dxl1
Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска треба да биде изречена пресудата за случајот „Рекет", предмет кој од лани летото го апсорбира вниманието на јавноста заради профилот на лицата инволвирани во него. Фокусот беше насочен пред се кон обвинетата, сега веќе поранешна специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, која од симбол на недежта за достижност на правдата стана антипод на сето тоа. Истрагата за случајот ја затекна Јанева во тешки семејни моменти. На денот кога беше приведена (21-ви август 2019) почина нејзината мајка. Сега, пресудата ја дочекува неколку дена по смртта на нејзиниот татко, долгогодишен судија и претседател на гевгелискиот суд. Помеѓу тие два приватни моменти, она што ја интересира јавноста е - дали, зошто и како починал професионалниот морал и интегритет на една јавна обвинителка, обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, кривично дело за кое претходно таа ги гонеше прекршителите од високите политички кругови. Мебелот во вредност од 296.040 денари кој Јанева го добила на подарок од првообвинетиот, само ја потенцираше кариктуралноста на примањето на подарокот, имајќи предвид дека неговата вредност беше идентична на месечен приход на обвинителката со сите додатоци.

Nord-Mazedonien Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Бојан ЈовановскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Прашањето „Зарем, заради парче мебел?“, остана одвишно, кога ќе се земат предвид големите бројки. Имено, првообвинетиот - неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски (Боки 13) е обвиненет за две кривични дела: „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а Зоран Милески - Кичеец за помагање на кривичните дела што ги сторил Јовановски. Обвинителството ги товари Јовановски и Кичеец дека земале 1,5 милиони евра од  бизнисменот Орце Камчев, за да му ја олеснат положбата во истрагата на СЈО за предметот „Империја“. Каква била улога на Јанева во тој триаголник?

Повеќе:

-Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

-Правосудство: Хаос, или креирана перцепција за хаос?

-Камчеви ќе сведочат за „Рекет“: ќе има ли нови изненадувања?

Уште пред да почне судскиот процес, снимките од овој настан јавноста ги виде откако беа објавени на веб-порталот на италијанскиот весник „Ла Верита“.

Милески во старт ја призна вината и доби казна затвор од 3 години, чија правосилност ја чека на слобода. До денес не се знае каде завршила фамозната торба од марката  „Луј Витон“ во која биле изнесени дел од парите изнудени од Камчев. Случајот ќе добие судски епилог, но без јавноста да го слушне сведочењето на единствениот кој ја призна вината - Зоран Милески. Обвинителството сметало дека нема потреба од негово сведочење бидејќи веќе има доволно докази, а тоа не го побараа ни обвинетите, чија одбрана се темелеше на оспорување на обвинувањата на Милески. 

Nord-Mazedonien Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

Над 30 рочишта за овој случај поминаа во изјави на обвинетите кои повеќе се занимаваа со пикантерии во односите меѓу нив, отколку на суштината на обвинението и на одбраната. Јовановски, кој на првите рочишта се појавуваше прилично изнемоштен, а неговиот адвоката тврдеше дека имаа сериозни здравствени проблеми, крајот на судскиот прпоцес го дочека во друго издание - без  знаци на какви било здравствени проблени и со најава: „За вас можеби ќе биде банално, некои аналитичари можеби ќе сметаат дека сум полудел, но од овој момент кажувам дека пред вас стои следниот лидер на оваа земја и планирам да се занимавам со политика“.

И тој, и Јанева, се изјаснија дека се невини и дека не ги сториле делата за кои се товарат, со став дека целиот случај е исконструиран со цел да се урне Специјалното јавно обвинителство. Јовановски, во контекст на неговите амбиции изјави дека ќе го надмине и Тито (Јосип Броз), а пред десетина дена и Јанева се надмина себе си: во знак на протест за истрагите против неа се соблекла во просториите на Дражавниот завод за ревизија, останувајќи во долна облека.