1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп во одбрана на синот

ЖА
12 јули 2017

Синот на американскиот претседател, Трамп Јуниор, кој бил намамен со наводни информации од Кремљ, кои можеле да ѝ наштетат на Хилари Клинтон, сега преминува во офанзива.

https://p.dw.com/p/2gNJs
USA Präsident Trump und sein Sohn Donald Jr.
Фотографија: Reuters/M. Segar

Американскиот претседател Доналд Трамп се стави во одбрана на својот најстар син во аферата околу можно руско вмешување во американската претседателска кампања. „Мојот син е личност со големи квалитети и јас ја поздравувам неговата транспарентност“, се вели во соопштението пренесено преку портпаролот на Белата куќа. Доналд Трамп Јуниор претходно ги објави имејл-пораките, од кои произлегува дека тој за време на претседателската кампања се впуштил во дубиозна понуда. Имено, електронската преписка со публицистот Роб Голдстоун довела до средба на Трамп Јуниор со руската адвокатка Наталија Весенитскаја во јуни 2016. година. Според документите, Голдстоун најавил презентирање материјал со потекло од руското државно обвинителство, кој содржи компромитирачки информации за врските на Хилари Клинтон со Русија. „Овој материјал би бил од голема корист за Вашиот татко“, пишува британскиот публицист, најавувајќи „исклучително бризантни“ информации, кои се резултат на напорите на „Русија и владата за поддршка“ на претседателската кампања на Доналд Трамп. 

Трамп Јуниор со одушевување ја примил понудата: „Ако е онака како што велите, ми се допаѓа“, пишува тој во одговорот. Во натамошната преписка двајцата договориле термин за средба, а Голдстоун во тој контекст споменува „адвокатка од руската влада“.

Доналд Трамп Јуниор ги објави електронските пораки откако весникот „Њујорк тајмс“ напиша дека пораките на британскиот публицист како извор на потенцијално штетните по Клинтон информации, ја најавуваат руската влада. Но, не постои доказ дека ветените информации се во било каква поврзаност со хакерските напади врз Демократите, пишува весникот.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс во меѓувреме се дистанцираше од случајот, за кој не знаел ништо.

Доналд Трамп Јуниор во минатите денови ја потврди средбата со адвокатката Наталија Весенитскаја, од која, како што тврди, не произлегло ништо важно. На разговорот присуствувале и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, како и тогашниот шеф на кампањата, Пол Менафорт. Претседателот Трамп, како што тврди Трамп Јуниор, а тоа го изјави и портпаролка на американскиот претседател, за тоа дознал дури пред неколку дена. Адвокатката пак за ТВ МСНБЦ изјави дека таа нема никакви врски со Кремљ, ниту имала било каков материјал за Хилари Клинтон. Кремљ исто така одрече поврзаност со адвокатката.

Американските тајни служби ја обвинуваат Москва дека со хакерски напади се вмешала во изборната кампања за да му помогне на Доналд Трамп и да ѝ наштети на Хилари Клинтон. Повеќе специјални иследници и комисии во Конгресот истражуваат дали притоа имало соработка со изборниот тим на Трамп. Владата во Москва ги отфрла ваквите обвинувања.