1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгите краци на Исламска држава

РЕ/дпа/ртр/сн15 јануари 2016

Индонезиските безбедносни сили продолжуваат со истрагата по смртоносната серија напади во Џакарта, за кои одговорноста ја презеде терористичката организација Исламска држава.

https://p.dw.com/p/1He2H
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Rudianto

По серијата бомбашки напади во индонезискиот главен град Џакарта полицијата соопшти дека идентификувала четворица од петтемина убиени атентатори. При претресот на станот на еден од напаѓачите биле пронајдени и докази за поврзаност со џихадистичката милиција Исламска држава. Како што соопшти портпаролот на полицијата Антон Чарлијан, станува збор за знаме на ИД. Инаку, Исламска држава официјално ја презеде одговорноста за вооружените и бомбашки напади во центарот на Џакарта, во кои загинаа седум лица, вклучувајќи ги и петтемина напаѓачи, а повеќе од 20 лица беа повредени. Германскиот експерт за Индонезија и безбедносни прашања во Азија, Феликс Хајдук, во интервју за Дојче Веле ја објаснува можната заднина на нападите :

Дојче веле: Дали претходно имаше некои назнаки за зголемена опасност во Индоезија?

Deutschland Felix Heiduk Asien-Experte der SWP
Феликс ХајдукФотографија: Stiftung Wissenschaft und Politik

Феликс Хајдук: Да, имаше. На почетокот на 2015. година не успеа бомбашки напад на еден трговски центар во предградието на Џакарта. Кај таа бомба се работеше за една хемиска бомба на база на хлор (како што досега се користени кај досегашните напади на ИД), а која на тој начин претходно не е користена во Индонезија. Според извештаите на полицијата, за тој неуспешен напад се одговорни повратници од Сирија.

Од 2009. година не е забележан напад кој успеал. Без разлика дали се работи за поголеми цели како згради на владата или помали, како ноќни клубови, ресторани или поголеми хотелски ланци. Напади се забележани единствено пред тоа, на пример на Бали во 2002. година, кога настрадаа над 200 луѓе или кога е во прашање нападот на хотелот Мариот, во Џакарта, во 2009. година. Сите напади изминатите години беа пред се’ насочени кон државните безбедносни сили во локални размери. Значи, напади на полиција и војска.

Каква е улогата т.н. Исламска држава во најновиот бран насилство во Индонезија?

Во ноември 2015. година на интернет е објавена видео-снимка „Муџахедини Индонезија-Тимор“, значи муџахедини од источна Индонезија. Според стручњаците, тие се најголема и најударна терористичка група во земјата. Се закануваа дека ќе извршат напад на претседателската палата и на врвот на зградата ќе го постават знамето на ИД. Меѓутоа, за време на анализата на видео-снимката стручњаците дојдоа до заклучок дека еден таков напад ги преминува можностите на таа група.

Можеше да се претпостави, ако дојде до напад, целта ќе биде послаба, како на пример некој ресторан или трговски центар - со мал број напаѓачи и лесно вооружување. Тоа би одговарало, доколку може да се добие преглед на ситуацијата, на сценариото на денешниот напад. Треба да се тагува за секоја жртва, но во споредба со нападите во 2000. година кај овој напад се работи за напад со мал број жртви.

Indonesien Bombenanschläge in Jakarta
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Ismoyo

Како во индонезиското општеството и меѓу граѓаните се гледа на екстремизмот? Постои ли свест за тоа или критичка дискусија?

Свеста за екстремизмост во секој случај се зголеми во изминатите години. Мнозинството од граѓаните не ги поддржува ИД или Ал Каеда, нивните идеолошки толкувања и практики. Тоа може прилично сигурно да се каже врз основа на спроведените анкети. Покрај тоа, постои едно тврдо јадро исламисти во земјата со кое е потребно државата да се соочи. И во сѐ поголема мерка се јавуваат општествени струи кои можеби не ги одобруваат ИД, Ал Каеда и нивните цели, но застапуваат интерпретација на Исламот која засилено станува поконзервативна и нетолерантна. Тоа посредно се одразува и во поддршката на терористичките групации, ама и во религиската нетолеранција во секојдневието, на демонстрациите или во нападите врз религиските малцинства. По ова прашање индонезиската влада во изминатите години стори премалку. Значи владата релативно малку има направено по прашањето на заштитата на религиските малцинства и делувањето на идеолошко рамниште против одредени интерпретации на исламот.

Феликс Хајдук работи како политиколог во азиското одделеление на фондацијата Наука и Политика во Берлин. Негова специјалност, меѓу другото, се Југоисточна Азија, исламизмот и безбедносната политика.