1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот од 2 јуни – основа за финалното решение

К.Блажевска19 јуни 2015

На 29 јуни ќе продолжат разговорите за целосно спроведување на договорот од 2 јуни, соопшти лидерската четворка преку заедничко соопштение.

https://p.dw.com/p/1Fjol
Фотографија: MIA

По час и половина, без конкретни детали заврши средбата на помеѓу претседателите на најголемите партии - Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи одржана во скопскиот Клуб на пратеници, во приуство на амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје.

Наместо изјави од лидерите, по средбата беше лиферувано само кусо соопштение.

„Ние лидерите на главните политички партии денеска се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2 јуни во Скопје и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29 јуни. Ние исто така го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на владеењето на правото кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани“, се вели во заедничкото соопштение на лидерите.

На средбата се очекуваше политичките лидери да ги приближат ставовите, што би значело дека до крајот на месецот би можело да се постигне конечен договор.

Такви очекувања искажа и портпаролката на комесарот Јоханес Хан, Маја Коцијанцич.

„ЕУ очекува конструктивен исход и обновена посветеност на политичките лидери, вклучително и на договорот од 2 јуни. Нашите позиции остануваат непроменети и ние веруваме дека во интерес на земјата и на луѓето, одржлив политички компромис е потребно да се постигне и ние сме подготвени да помогнеме во оваа ситуација“, изјави Коцијанчич.

На денешната средба Груевски беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Поповски, Заев од професорката Рената Дескоска, Ахмети од шефот на неговиот кабинет, Артан Груби, а Тачи од пратеникот Имер Алиу.