1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот на Оберман ќе биде продолжен?

16 септември 2010

Иако обвинителството води истрага против првиот човек на Дојче Телеком Рене Оберман, поради можен поткуп на Балканот, неговите шанси да му биде продолжен договорот за работа се и тоа како добри. Весниците пишуваат:

https://p.dw.com/p/PDgT
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Надзорниот одбор на Дојче Телеком му дава поддршка на шефот на концернот, Рене Оберман. Контролното тело на концернот донесе одлука да му понуди на Оберман нов договор, иако и тој припаѓа кон кругот обвинети во аферата за поткуп на Балканот“, пишува денеска „Ханделсблат“.

Во текстот натаму се вели:

„Уште на почетокот на месецов Надзорниот одбор донесол одлука да му понуди нов договор, иако членовите на ова тело знаеле дека тој е дел од обвинетите во аферата со поткуп во фирмата-ќерка на концернот, унгарски Маџар Телеком. Усните преговори за конкретните услови во договорот се веќе во тек, се вели во кругови на германската влада и на Телеком. Сојузот е најголем акционер во Телеком и има удел од 32%. Оберман го информирал Надзорниот одбор за обвинувањата против него на седницата на 1 и 2 септември. Обвинителството направило претрес во неговиот стан и во канцеларијата на 31 август“, јавува „Ханделсблат“.

Во опширниот текст на оваа тема, „Зидојче цајтунг“ денеска, меѓу другото, наведува:

„Со кого и да разговара за истрагата, Оберман е постојано огорчен, тврди дека не е виновен и, притоа, делува убедливо. Негов познаник вели дека, ако навистина лаже, Оберман би морало да стане актер. Но, се‘ додека државното обвинителство не изнесе докази против еден од најмоќните менаџери во Германија, тој нема од што да се плаши.“

Објаснувајќи ја аферата околу можен поткуп на Балканот, односно Македонија, и улогата на Дојче Телеком во тоа, весникот натаму пишува: „Германскиот концерн, преку ќерката на концернот, унгарски Маџар Телеком, е еден од двата главни акционери во Македонски Телеком (МакТел). Во 2005 година шефот на МакТел Дејан Мицковиќ бил во посета на централата на концернот во Бон и притоа му бил претставен на Оберман. Во оваа пригода, шефот на Дојче Телеком го условил исплаќањето на дивидендите на МакТел со неотворање на локалниот пазар на телефонија за конкурентите. Доколку Оберман навистина исплаќањето го ставил под услов да добие политичка противуслуга, тогаш тоа би бил класичен деликт од сферата на корупцијата.

Колегата на Оберман во Управниот добор на конценрот, Балц, тврди дека Мицковиќ тогаш бил случајно во Бон и спонтано искористил прилика да го посети шефот на концернот. Се вели дека тоа не било ништо повеќе од само ’куртоазна посета’. Сепак, останува прашањето зошто бонското обвинителство отвори истрага против еден од најпознатите шефови на концерни во земјата ако нема никакви докази, или барем индиции во рацете.“

Автор: Ханделсблат; Зидојче Цајтунг

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема