1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорена помош за „давеникот“ Грција

26 март 2010

ЕУ застана зад длабоко задолжената Грција. Еврогрупата го поддржа германско-францускиот план за помош на земјите од евро-зоната, кои се наоѓаат во финансиска криза, во комбинација со помош од ММФ.

https://p.dw.com/p/Mckf
Фотографија: picture alliance / dpa

Пробивот се случи побргу отколку што се очекуваше и германската канцеларка Ангела Меркел може да биде многу задоволна. Германско-францускиот предлог, кој го поддржаа сите членки на Еврогрупата, предвидува вклучување на ММФ со можни кредити во вредност од повеќе милијарди евра за силно задолжената Грција и е дополнување на парите што би ги ставиле на располагање земјите од ЕУ.

Angela Merkel Nicolas Sarkozy Paris Frankreich Deutschland
Ангела Меркел и Никола СаркозиФотографија: AP

До пред кратко време Германија беше изолирана во барањето за вклучување на ММФ во кризниот план.

Одлука како решавачки сигнал

Олеснувањето беше забележливо и кај грчкиот премиер, Јоргос Папандреу:

„Европа направи голем чекор. Денеска ние донесовме решение не само за Грција.“

И новиот претседател на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, кој за првпат водеше еден Самит на Унијата, изрази задоволство од компромисот. Новиот кризен план, за разлика од претходно предложениот Европски фонд за помош, не повредува ниту еден важечки закон на ЕУ. Важно е што во моментов е испратена јасна политичка порака од Брисел, истакна Ван Ромпој:

„Се надеваме дека тоа ќе ги смири и оние кои имаат грчки државни обврзници, односно дека Еврозоната никогаш не би ја оставиле Грција да пропадне.“

Symbolbild Griechenland im Visier der Spekulanten
Грција е на удар на шпекулантитеФотографија: DW-Montage/AP

Помошта функционира само во краен случај

Договорениот механизам меѓутоа би требало да биде ставен во функција само во апсолутна нужда и со едногласна одлука на Еврогрупата:

„Согласноста што ја постигнавме денеска е пред се’ од превентивна природа. Целта е се разбира да не се дозволи планот да биде активиран“, рече францускиот претседател Никола Саркози.

Засега сите во Еврогрупата, вклучувајќи го и нејзниот претседател Жан Клод Јункер, веруваат во успех на програмата на Грција за консолидација на нејзиниот финансиски систем.

Автор: Сузане Хен/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска