Договорена меѓународна конференција за граѓанската војна во Конго
2 ноември 2008По средбите со Претседателите на Конго и на Руанда, Јозеф Кабила и Паул Кагаме, првите дипломати на Франција и Велика Британија оценија дека станува збор за први резултати, што можат да го отворат патот за надминување на кризата. Охрабрувачки сигнал е тоа што претседателите ветиле дека ќе дојдат на меѓународната конференција во главниот град на Кенија, Најроби. Поддршка за конференцијата дојде и од Организацијата на Африканската Унија, посочи евро-комесарот за развојна политика Луј Мишел, кој деновиве исто престојува во кризниот регион.
„На таа конференција и’ е потребен конкретен план, зацртана цел, механизми за надгледување на договореното, како и добра политичка волја на учесниците. Уверен сум дека нешто ќе се придвижи“ - порача Луј Мишел. За сега е меѓутоа нејасно дали на конференцијата ќе се појави и водачот на бунтовниците во Источно Конго, генерал Лорен Нкунда.
Длабоки корени на актуелната криза
Корените на сегашните оружени судири меѓу армијата на Конго и бунтовниците се протегаат до граѓанската војна и геноцидот во соседна Руанда во 1994-та година. Во крвавиот воен конфликт меѓу припадниците на племињата Хуту и Тутси тогаш животот го загубија околу 800.000 лица.
По масакрите повеќе илјади припадници на Хуту милициите се сокрија преку границата во соседно Конго. Водачот на бунтовниците, генералот Лорен Нкунда, инаку припадник на ривалското Тутси племе, во меѓувреме се прикажува како заштитник на редот:
„Се залагаме за безбедност во Источно Конго. Армијата на Конго соработува со милитантните Хуту-екстремисти и тие го загрозуваат нашето население. Тие се одговорни за страдањето на населението“ - обвини генералот Нкунда, кој се крие во околината на градот Гома, околу кој се водат најжестоките борби.
Неопходен сеопфатен договор меѓу Конго и Руанда
Владата на Конго навистина претходно се обврза избеганите Хуту милиоционери да и’ ги испорача на Руанда, но сега бара прво разоружување на бунтовниците од ривалското племе на Тутсите. Експертите на Меѓународната кризна група гледаат можност за надминување на конфликтот само преку сеопфатен договор меѓу владите на Конго и соседна Руанда, во кој ќе се расчистат и старите сметки меѓу племињата.